Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров денес оствари средба со амбасадорот на Народна Република Кина во Република Северна Македонија, Џанг Ѕуо.
Вицепремиерот Димитров изрази задоволство од одличната соработка меѓу Секретаријатот за европски прашања, како национална институција задолжена за координација на странска помош со Амбасадата на НР Кина, како и со Канцеларијата за економска и трговска соработка при Амбасадата на НР Кина. Од почетокот на пандемијата предизвикана од Ковид-19, Кина и Северна Македонија имаат блиска соработка во справувањето со последиците, првенствено од здравствен, но и од економски аспект.
На средбата се разговараше и за спроведувањето на кинеската поддршка за одобрени проекти во износ од околу 14 милиони евра за кои веќе се потпишани договори, односно средствата ќе бидат искористени за подобрување на здравствените и социјалните услуги, опремата за Лабораторијата за молекуларна биологија и реализација на проектот за е-образование во втора фаза.
Во следниот период акцентот на развојната соработка ќе биде ставен на здравството и економското закрепнување од пандемијата.
Плодната билтерална соработка помеѓу Северна Македонија и Кина има традиција од над 25 години која што се остварува преку соработки на размена на знаење и искуство, донации во здравствениот сектор, научно-истражувачкиот, социјалниот и други, како и учество на земјава во повеќе регионални иницијативи за соработка на Кина.