Претседателот на Украина Володимир Зеленски разговараше со данската премиерка Мете Фредериксен, која денеска престојува во Киев, за нов пакет воена помош за Украина.
„Денеска разговаравме за нов пакет воени мерки. Ова ќе биде дванаесеттиот пакет што се подготвува за овој месец“, рече Зеленски на заедничката прес-конференција.
Тој потсети дека украинските пилоти се обучуваат да работат со ловци Ф-16 во Данска.
„Украинската војска има задача што поскоро да ја подготви потребната инфраструктура во нашата земја. И ова е една од клучните задачи што мора да ги исполнат одбранбените сили во моментов“, нагласи Зеленски.
Тој додаде дека во моментов се разговара за прашања поврзани со проширување на можностите за обука и забрзување на вистинската интеграција на современите борбени авиони во одбраната на Украина.
Генерално, Зеленски денешните разговори со Фредериксен ги нарече многу значајни и уште еднаш се заблагодари на Данска за сета поддршка што и ја дава на Украина, истакнувајќи дека високо ги цени актуелните билатерални односи.
Данската премиерка, пак, рече дека Данска и дава на Украина воена опрема и муниција, но сака да направи многу повеќе, вклучително и во областа на воздушната одбрана.
„Ќе ја продолжиме нашата поддршка за граѓанското општество, за цивилите“, нагласи таа.
Притоа, Фредериксен изрази сочувство за загинатите цивили по рускиот напад на пазарот во Костантиновка, во регионот Доњецк.