Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров денес имаше средба со новоименуваната амбасадорка на Романија во Северна Македонија, Адела Моника Аксинте.
Посакувајќи и’ успешен мандат, вицепремиерот Димитров изрази подготвеност за зајакнување на соработката во рамки на надлежностите на Секретаријатот за европски прашања.
„Успешната соработка со Романија, како земја поддржувач на нашите европски интеграции, ја бележиме во повеќе области и тоа главно преку ИПА инструментите,” посочи Димитров, додавајќи дека во претстојниот период кога приоритетите на Владата се насочени кон унапредување на европските реформи, оваа соработка има голем потенцијал да се прошири и продлабочи.
Од страна на новоименуваната амбасадорка Аксинте беше реафирмирана романската поддршка за почеток на преговорите за членство со Унијата што е можно побрзо.
Соговорниците се осврнаа на размената на искуства на Романија во процесот на пристапување и ги разгледаа можностите за финансирање и областите за потесна соработка меѓу двете земји, како и начините на кои би се остварила соработката во услови на Ковид-19.