Средба Петровска-Бојер: Поддршката од САД за модернизација на македонската армија

од Radmila Tasevska
169 прегледи

Денес министерката за одбрана Славјанка Петровска имаше средба со Спенсер Бојер, заменик помошник секретар за одбрана за Европска и НАТО политика на САД, кој е дел од делегацијата на советникот на Стејт департментот Дерек Шоле, која е во посета на Македонија.

Тие разговараа за стратешкото партнерство меѓу Република Македонија и САД во рамки на одбраната, при што министерката Славјанка Петровска го запозна помошник секретарот Бојер за тековните проекти за модернизација и опремување на Армијата, чекорите кои ги презема Македонија во насока на зголемување на регионалната стабилност и безбедност, како и помошта и поддршката за Украина, соопшти МО.

Петровска истакна дека САД се наш долгогодишен стратегиски партнер во развојот на армиските капацитети и изрази благодарност за сојузничката поддршка од 106 милиони американски долари за модернизација, опремување и развој на капацитетите на Армијата во 2022 година. Таа потенцира дека САД одлучно ја демонстрираат својата заложба за мир, стабилност и просперитет на регионот и одлучно и посветено ја поддржуваат воената модернизација на Македонија.

– Нашите стратешки партнери САД, недвосмислено ги поддржуваат нашите напори да изградиме современи интероперабилни сили и модерна Армија. Буџетот за одбрана во последните неколку години бележи невиден раст – бројките се непобитен доказ за нашата решеност да инвестираме повеќе во Армијата и нејзините припадници, вели Петровска.

Слични содржини