Средба Тренчевска – Сандри: Соработката со УНХЦР продолжува

од Radmila Tasevska
150 прегледи

Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска денес оствари средба со претставничката на УНХЦР, Моника Сандри, на којашто стана збор за имплементацијата на Законот за неевидентирани лица во матична книга на родени, преку кој лицата без лични документи можат да се стекнат со одредени права од социјална и здравствена заштита, образование и вработување со задолжително социјално осигурување.

Законот им овозможува на оваа категорија лица да бидат евидентирани во посебна матична книги на родените и да добијат посебна идентификациона исправа којашто треба да им овозможува пристап до горенаведените права. Меѓутоа, иако овој Закон беше донесен, неговото имплементација не е завршена, поради непрепознавањето на привремениот регистарски број на овие лица, во системите на институциите од каде лицата треба да ги користат правата, односно Министерството за здравство, Фондот за здравствено осигурување, Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија кои имаат интегриран систем на електронски податоци.

Министерката Тренчевска информираше дека Министерството за труд и социјална политика во соработка со Управата за водење на матични книги, Министерството за внатрешни работи и Здружението на млади правници подготвува нов Закон за лица неевидентирани во матична книга на родени со измена на одредени членови од претходниот закон за да се овозможи на лицата регистрирани во посебниот регистар до крајот на 2023 година да им се трансферира нивниот статус од привремениот регистар во редовната матична книга на родени.

Министерството за правда треба да подготви целосно нов закон, системско решение коешто ќе одговори на сите идни случаи на лица без лични документи.

На средбата уште еднаш беа повторени добрите намери на страните за продолжување и продлабочување на соработката.

Слични содржини