Средба во Будимпешта: Орбан го поддржа ВМРО-ДПМНЕ на претстојните локални избори

од Берта Китинска
134 прегледи

Унгарскиот премиер и претседател на владејачката партија Фидес, Виктор Орбан, денеска го прими раководството на ВМРО-ДПМНЕ, претседателот Христијан Мицкоски и потпретседателот Александар Николоски, во Будимпешта во манастирот „Кармелито“, кој е и седиште на унгарскиот премиер.

Една од темите на состанокот, како што велат од ВМРО-ДПМНЕ, била справувањето со ковид-кризата, која претставува заеднички предизвик на државите од Европа, при што Мицкоски ја потенцирал потребата од поддршка и отворена соработка, со оглед на фактот што Македонија е една од земјите која досега има најголеми последици од оваа пандемија.

Исто така, на средбата било отворено прашањето за мигрантскиот бран и состојбата на јужната македонска граница, при што претседателот на опозициската партија ја отсликал состојбата со авганистанските бегалци во Македонија.

Мицкоски посочил дека во изминатите години македонската влада има исклучително слаб учинок во справувањето со корупцијата и подобрувањето на економскиот амбиент во државата, што, како што рекол Мицкоски, е евидентирано и посочувано од страна на меѓународните партнери. Тој посочил и дека македонскиот народ заслужуваат отворање на процесот на преговори со Европската Унија, затоа што реформските политички сили предводени од ВМРО-ДПМНЕ, како што нагласил, многу скоро ќе имаат можност да спроведат брзи и итни чекори за приближување до европските стандарди.

Орбан на средбата истакнал дека Унгарија го поддржува приемот на Македонија во Европската Унија и дека земјата треба да биде активен учесник на следните конференции за иднината на Европа.

Од кабинетот на Орбан велат дека унгарскиот премиер изразил поддршка за раководството на ВМРО-ДПМНЕ на претстојните локални избори во Македонија.

Слични содржини