Средношколците од Тетово со протест бараа правда за нивниот 16-годишен соученик кој беше убиен

од Radmila Tasevska
167 прегледи

Денес десетина ученици од средното стручно училиште „8 Септември” во Тетово протестираа пред зградата во која се наоѓаат Основниот суд и Обвинителството, со цел, како што извикуваа пароли да има правда за убиството на нивниот соученик 16 – годишник од Ново Село чие безживотно тело беше најдено на 22 декември во реката Пена кај месноста Бањиче.

На 23 декември СВР Тетово и Обвинителството објавија дека по првичниот увид осомничена е 17- годишна девојка која доби и притвор. Таа денеска беше донесена во Судот, но од таму не добивме информација која е причината.

-Убиецот има име, бараме правда за Бехар, извикуваа учениците.

Шеснаесетгодишникот беше најден во реката Пена кај месноста Бањиче, а по увидот и наредба на Обвинител врз телото беше направена обдукција. Ден подоцна, надлежните информираа дека седумнаесетгодишна девојка е осомничена за убиство со умисла на 16 – годишното момче.

Освен со девојката, полицијата за настанот направила службен разговор со уште едно малолетно машко лице од Тетово.

-Малолетничката била задржана во полициска станица, додека малолетникот бил ослободен. По документирање на случајот од страна на судија во претходна постапка во Основен суд Тетово, на малолетничката ѝ била определена мерка притвор во траење од 30 дена и била спроведена во Казнено- поправната установа Затвор Скопје за издржување на мерката притвор, соопшти СВР Тетово на 23 декември.

Седумнаесет годишната девојка е од тетовско Рогле.

Слични содржини