Учениците организирани од Средношколски глас, излегоа на протест пред Министерството за образование и наука, против, како што велат, полагањето на државната матура и одлуката за истото. Оваа генерација, идентично како и минатата треба да биде ослободена од полагањето, бидејќи и натаму трае Пандемијата од Ковид 19 и онлајн наставата.
Во повикот „На протест. Стоп за државната матура“, од Средношколски глас велат дека средношколците се всушност „против дополнителен хаос во образованието“ и дека и онака немањето услови за настава се отежнува со дополнителни неосмислени програми за полагање на матурата.
„Образованието ни виси на конец, не можеме да го стекнеме вистинскиот обем на учење и добивање практично и теорично знаење, и полагањето на матура за учебната 2020/2021 година е невозможно на начин каков што е предложен од страна на Министерство за образование. Физичко присуство на учениците за еден од предметите, а дел да се полагаат онлајн воопшто не е соодветен модел да се полага државна матура“, посочуваат од Средношколски глас.
Од друга страна пак, претставници на матурантите од Средношколскиот сојуз изминатата недела остварија средба со министерката за образование и наука Мила Царовска врзана со полагањето државна матура.
По ред консултации со сојузи од регионот и од Европа, Сојузот прифаќа да се полага државна матура, која и оваа година се организираше во други држави, но побара помалку да е застапен материјалот откако почна пандемијата и бројот на екстерни испити да се намали од три на два.
Од МОН е прифатено првото барање и испитете ќе се полагаат по скратени програми, но не и второто барање затоа што, како што нагласи вчера Царовска, не може во од да се менува концепцијата за матурата, но дека ќе има промени за наредната генерација во учебната 2021/2022 година.