Најголемата партија на косовските Срби, „Српска листа“, денес поднесе жалба до Уставниот суд на Косово против начинот на кој Ненад Рашиќ беше избран за потпретседател на косовскиот парламент од редовите на косовските Срби, објави „Косово онлајн“.
Партијата побара воведување привремени мерки со цел, како што нагласи, „да се спречат неуставните дејствија што би можеле да предизвикаат непоправлива штета“.
Заменик-претседателот на Српската листа, Игор Симиќ, објави дека ја поднел жалбата во име на десет пратеници поради „нелегалните избори“ и наметнувањето од страна на косовскиот премиер Албин Курти на потпретседател на парламентот на местото што со право му припаѓа на српското етничко малцинство во Косово.
Симиќ рече дека во жалбата детално и прецизно се наведени сите прекршувања на Уставот, процедуралните правила за работа на парламентот, како и одлуките на Уставниот суд.

Ненад Рашиќ; Фото: Јутјуб/Принтскрин/РТК2
„Сакаме да им кажеме на сите дека не станува збор за едно место во парламентот, туку за почитување на правото на српскиот народ да избира свои претставници и да има соодветна застапеност во институциите“, рече Симиќ.
Србија и косовските Срби, кои го сочинуваат мнозинството од населението во општините Звечан, Зубин Поток, Лепосавиќ и Северна Митровица во северниот дел на Косово, не ја признаваат декларацијата за независност на Косово од 2008 година. Приштина и Белград се во дијалог под покровителство на ЕУ за нормализирање на нивните односи.
Ненад Рашиќ, претседател на партијата „Слобода, правда и опстанок“, беше избран за заменик-претседател на косовскиот парламент на 10 октомври, иако неговата партија има само едно пратеничко место, додека девет од 10-те места резервирани за косовските Срби ги освои Српската листа, поддржана од Белград.
Рашиќ беше избран затоа што пратениците претходно не поддржаа ниту еден од кандидатите на Српската листа.
Српската листа постојано изјавуваше дека Рашиќ го освоил местото благодарение на гласовите на албанските гласачи во областите каде што нема Срби на изборните листи, забележува ТАНЈУГ.