На средбата во Охрид, на која ќе присуствуваат српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти, ќе стане збор за финализирање на Анексот за имплементација на Договорот со ЕУ за патот кон нормализација на односите меѓу Косово и Србија, соопшти денеска Европската служба за надворешни работи. Високиот претставник на ЕУ, Мирослав Лајчак, најпрво ќе има одделни билатерални средби со Вучиќ и Курти, по што ќе следи заедничка средба. Српската страна инсистира на формирање на Заедницата на српски општини (ЗСО) иако Вучиќ нагласи дека нема ништо да потпише и дека „утре не е судбоносен ден“. Тој е дециден дека Србија ќе продолжи да работи со Европската Унија, но нема да се откаже од „црвените линии“.
Српската експертска јавност смета утре треба да се искористи шансата за финализирање на договорот. Српскиот дипломат и поранешен амбасадор во Бугарија и Србија, Среќко Ѓукиќ во разговор за „Локално“ вели дека сите страни, како посредниците, така и српско-косовските, ќе работат и ќе преговараат конструктивно и ќе ја искористат можноста што ја нуди Охрид.
-Во Охрид претстојат многу тешки преговори меѓу Вучиќ и Курти, со директно посредство на Борел. Секој постигнат резултат во договорот за имплементација ќе биде важен чекор напред, а неговото целосно усогласување извонреден успех. Клучно прашање е формирањето на ЗСО, но како што е предвидено во Бриселскиот договор од 2015 година.
Познато е колку се спротивставени двете страни Белград и Приштина по ова прашање и колку е посветен Брисел да го реши ова клучно прашање на патот кон комплетирање на комплетниот косовски пакет. Што се однесува до договорот за имплементација, потребно е да се договорат и низа други чекори, како српското културно и духовно наследство итн, смета дипломатот.
Кога ќе се земе во предвид, колку сложени и контрадикторни работи треба да се договорат, тој не очекува утре парафирање и особено потпишување на други договори за нормализација на односите со Косово.
-Посредниците во преговорите за решавање на косовското прашање се ориентирани кон тоа да ги држат преговорите цврсто под контрола, без намера да ги скршат работите на колена, што значи дека времето не е примарен фактор, туку резултатот и квалитетот на косовскиот пакет. Мислам дека тоа е важно. Решението на регионалниот проблем, Косово, е од интерес за сите земји од Западен Балкан, пред се, но и за цела Европа бидејќи тоа е и суштински европски проблем, ни рече Ѓукиќ.
За политичкиот аналитичар Зоран Чворовиќ, претставниците на ЕУ, но и на САД, вршат голем притисок, пред се, на Вучиќ и донекаде на Курти. Од гледна точка на Уставот на Србија, вели тој за „Локално“, овој договор е противуставен и неговото склучување би било извршување на кривично дело загрозување на територијалниот интегритет.
-Претставниците на ЕУ и САД, иако се колнат во потребата да се изгради правна држава во Србија, не им е грижа што преговараат со претставник на Србија кој по својата функција не е овластен да води надворешна политика, за што е одговорна Владата, ниту пак ги засега тоа што вршат политички притисок врз Вучиќ да прифати неуставен договор. ЕУ и САД го ставија Вучиќ во позиција не само да го прекрши Уставот, туку и да му се спротивстави на сопствениот народ, бидејќи над 80 отсто се против трајна ампутација на Косово и Метохија од Србија, до што би довело прифаќањето на овој договор, истакнува Чворовиќ.
Оценува дека ЕУ и САД секако ќе инсистираат на формирање на ЗСО, бидејќи тоа го претставува минималниот надоместок што Вучиќ од нив го бара за да се обиде да го оправда усвојувањето на неуставниот договор пред гласачите.
-Формалното и експлицитно признавање на Република Косово од Србија во моментов не е во интерес на политичкиот Запад како чувар на независноста на Косово. Во овој момент важно е ЕУ и САД да постигнат договор врз основа на кој одлуката за непризнавање на Косово би можеле да ја сменат 4 членки на НАТО и 5 членки на ЕУ, за да се овозможи Косово на крајот да стане членка на НАТО и да добие статус на кандидат за ЕУ. Влезот во ОН во овој момент не е интересен за западните промотори на независноста на Косово, бидејќи до крајот на глобалната конфронтација меѓу Западот и Русија, но и Кина, ОН во принцип ќе бидат нефункционални, порачува Чворовиќ.
Аналитичарот предупредува дека прифаќањето на ваков неуставен договор, како што тврди, би отворило сериозна политичка криза во Србија, што секако би го оневозможило спроведувањето, што не го прифаќаат огромното мнозинство српски граѓани.
-Сосема е јасно дека Западот во својата конфронтација со Русија брза да ги затвори сите жаришта што Западот ги генерираше во времето на униполарност, кои нема да се вратат барем во догледно време, па оттука и притисокот врз Вучиќ и Србија. Во таа брзање, Западот заборава на лекциите од минатото, кои зборуваат за судбината на договорите склучени против волјата на народот. Надворешните диктати завиткани во форма на договор никогаш не можат да донесат траен мир на Балканот. Договорите што ги наметна колективниот Запад за време на хибридната војна што се води меѓу Русија и колективниот Запад не можат да бидат трајни, бидејќи Балканот отсекогаш бил предмет на мировни конференции на големите сили, кои во секој случај еден ден ќе стават крај на актуелната војна. Православните балкански Словени треба особено да го имаат предвид овој факт за да не останат предвреме без територии и без поддршка од природен претставник во арената на светската политика, тврди Чворовиќ.
Н.П.