Изборниот молк во Србија, во пресрет на предвремените парламентарни и локални избори, ќе започне вечерва на полноќ и ќе трае до 17 декември до 20:00 часот. Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, кој е се уште дел од партијата СНС, можеби нема да учествува на изборите во недела, но неговиот имиџ и име се во центарот на кампањата на неговата партија. Но, на овие избори, СНС може да се соочи со поголема конкуренција. Повеќето опозициски партии кои се за членство на Србија во Европската унија се согласија да се борат на изборите како коалиција. Нивната изборна листа се нарекува „Србија против насилството“, што го одразува нејзиното потекло- од протестите што уследија по двете масовни престрелки што ја згрозија земјата во мај. Опозицијата тврди дека убиствата ја одразиле културата на реторичко и физичко насилство промовирана од Вучиќ, СНС и нивните сојузници во медиумите.
Каков исход се очекува во недела?
Според политичкиот аналитичар од Србија, Жељко Ињац, Вучиќ немаше да распише избори ако знаеше дека ќе ги загуби, но свесен е и дека на изборите во 2023 година ќе има помалку гласови, бидејќи едноставно секоја политичка идеја се истрошува со текот на времето. Сепак во разговор за „Локално“ порачува дека во Белград постои можност опозицијата, доколку по изборите дејствува обединето, да ја презеде власта.
-Секако, Владата е свесна за тоа и интензивно работи да не се случи. Владата започна низа акции и ги оживеа веќе заборавените политичари за да освои повеќе гласови во Белград. Но, претходниот период во кој Шапиќ беше градоначалник остави многу лош впечаток кај белграѓани. Шапиќ не се снајде на функцијата и токму поради него пропадна довербата на гласачите во владеачката коалиција. Секогаш кога владата ќе го загуби Белград, во пократок временски период, ќе ги загуби и централната и локалната власт во другите општини. Затоа Белград е важен и за опозицијата и за власта. Сите промени доаѓаат од Белград, посочува Ињац.
Во однос на тоа какви политики се очекуваат и колку зависат од исходот на изборите, соговорникот посочува дека нема ништо од свртување кон Истокот и редефинирање на односите со Западот, дури и ако победи опозицијата.
-Опозицијата е доста поделена, десничарите не можат сами да дојдат на власт и самите се поделени до крајност, а единствени тие зборуваат за свртување кон Истокот во контекст на редефинирање на односите со Западот. Граѓанската опозиција не ни помислува да се сврти кон Исток, за нив тоа е ерес, туку за уште посилна врска со Западот. По изборите, Вучиќ ќе продолжи да владее и да, ќе продолжат преговорите за Косово и Метохија, како и притисокот од Западот да прифати се повеќе нивни предлози, кои всушност индиректно го признаваат Косово како држава, објаснува аналитичарот.
Дел од македонската јавност со внимание ги следи случувањата во Србија, а дел од нив и активно учествуваа со поддршка во изборната кампања, како на пример претседателот на КФМ, Перо Антиќ. На прашањето дали беше видлива поддршката од македонската јавност за Вучиќ и неговата СНС, политичкиот аналитичар истакнува во Србија во екот на предизборната кампања, тоа едвај се забележувало.
-Повнимателно се следат и коментираат конфликтите меѓу власта и опозицијата и конфликтите во самата опозиција. Вучиќ дефинитивно направи силен харизматичен пробив во регионот. Многумина му завидуваат, многумина не го сакаат, многумина го имитираат, но никој не е рамнодушен кон него, оценува Ињац.
Независниот новинар и аналитичар Милутин Миша Илиќ во разговор за „Локално“ вели дека очекува во недела СНС да има резултат меѓу 47 и 52 проценти. Според него, голема предност за СНС е фактот што тие го искористија времето додека беа на власт за да ги хомогенизираат различните партии кои се „спојуваа“ во заедничка листа на СНС со еден лидер – Вучиќ.
-Иако тој веќе не е формален претседател на партијата, се подготвува да формира државотворно движење кое сепак дополнително би ги обединило движењата и партиите надвор од СНС. Опозицијата „изгуби чекор“ со апстиненцијата – бојкот на претходните избори и настап во неколку колони со многу лидери, што на СНС ѝ дава стратешка предност дури и во случај да им треба одреден број пратеници за мнозинство. Тие едноставно можат да избираат од „шведска маса“ во зависност од тоа дали имаат компромис со САД и ЕУ за непризнавањето на Косово како услов за понатамошна интеграција во ЕУ и фондовите, истакнува Илиќ.
Соговорникот оценува дека опозицијата ќе може да формира влада во 10-тина од 65-те општини, а СНС мора да се навикне дека нема да владеат насекаде како кога опозицијата ги бојкотираше изборите.
-Изборите во Белград ќе бидат најголемиот предизвик за СНС и нивните партнери. Белград е центар на прозападната и проевропската елита која не инсистира на членство во ЕУ на платформата на модерен суверенитет. СНС и нејзините партнери имаат потреба од секој гласач на изборите во Белград, бидејќи разликата во макар и еден советник може да биде пресудна и до тој степен да се во сојуз со СРС на Војислав Шешељ, објаснува аналитичарот.
Вели дека му е логично дел од македонските политичари да сакаат добри односи и соработка со Вучиќ поради заедничките интереси на двете земји, мислејќи на делот кој не сака Македонија да се втурнува во глобализам дури и кога тоа и штети.
Н.П.
Фото: FoNet Nenad Ðorđević