Пратеникот во српското собрание Душан Мариќ (62), објавил лажна насловна страница на загрепското издание на „Јутарњи лист“ од 25 јуни на својот Фејсбук профил, пишува Нова.рс.
На фотошопираната насловна страница има фотографија од Александар Вучиќ и измислен наслов: „Вучиќ паѓа во сабота“, со дополнителен текст: „На Србите им е потребна помош, Албанците и Бошњаците го најавија своето пристигнување, ги покануваат и Хрватите“, како и реченицата:
„Последниот европски диктатор завршува. Хрватите се приклучуваат на ослободувањето на Србија“, пренесува нова.рс
„Срби, внимателно прочитајте што е напишано на насловната страница на денешниот загрепски „Јутарњи лист. Сетете се на срамната екстрадиција на Слободан Милошевиќ во Хаг, каде што беше убиен. Србија потоа стана првата европска земја што го екстрадираше својот претседател на странски суд. Сетете се на боите на Косово и – вклучете го мозокот. Ако го имате. Ако не – придружете им се на оние што го осквернавуваат најголемиот национален празник Видовден“, напишал Мариќ.
Заедно со објавата, тој прикачи фотографија од екстрадицијата на Милошевиќ.
Интересно е што пејачката Јелена Карлеуша исто така ја сподели лажната насловна страница на својот јавен профил, пред, како и Мариќ, брзо да ја избрише објавата, наведува нова.рс
Што всушност беше напишано во „Јутарњи лист“?
Вистинската насловна страница на изданието од 25 јуни на загрепскиот „Јутарњи лист“ не ја содржи фотографијата на Вучиќ ниту какви било тврдења за политичката ситуација во Србија.
Всушност, Мариќ го искористил дизајнот на насловната страница од 19 јуни и изменувал фиктивни наслови врз неа. Вучиќ не е споменат ниту во тоа издание.
Откако „Јутарњи лист“ објави статија за лажниот пост, Мариќ ја отстранил фотографијата од својот Фејсбук профил, објавува „Јутарњи“.
Како што наведува Нова.рс, манипулацијата на пратеникот на српката владеачка гарнитура доаѓа само неколку дена пред протестот што ќе се одржи на 28 јуни, на празникот Видовден, во Белград.
Барањата на студентите вклучуваат распишување вонредни парламентарни избори и контра-митингот на Српската напредна партија во Пионирскиот парк да заврши до 21 часот тој ден.
Протестот доаѓа осум месеци по трагедијата на железничката станица во Нови Сад, кога падна настрешницата и загинаа 16 лица.
Инаку пратеникот обвиниет за манипулација, Душан Мариќ во српскиот парламент е од редовите на на листата на Српската напредна партија и е член на парламентарниот клуб „Александар Вучиќ – Србија не смее да стои во место“.
Тој е исто така член на парламентарните комисии за дијаспора, заштита на животната средина, како и заменик-член на Комисијата за култура и информации. По професија е новинар.
Во август 2021 година, тој објави фотографии со знамето на Србија на врвот на планината Динара над Книн, тврдејќи дека на годишнината од акцијата „Бура“ „ги потсетил и Хрватите и Србите дека Динара е српска планина и дека Далмација и регионот Книн се исто толку српски колку што се и хрватски“.