Српското Министерство за информирање и телекомуникации побара од српските медиуми да ги отстранат фотографиите и снимките што „го нарушуваат достоинството на жртвите и нивните семејства“ од погребот на загинатите во пожарот во Кочани.
„Министерството за информирање и телекомуникации со највисок степен на загриженост и осуда реагира на тоа што значителен број медиуми објавија фотографии и снимки од погребот на трагично загинатите во пожарот во дискотека во македонскиот град Кочани. Министерството очекува и бара горенаведените фотографии и снимки, кои го нарушуваат достоинството на жртвите и нивните семејства, без одлагање да бидат отстранети.
Со тоа, бројни медиуми го нарушија достоинството на жртвите, предизвикаа вознемиреност кај нивните роднини и кај целата јавност, но и демонстрираа недостиг на свест за потребата од почитување на основните професионални стандарди. Поради тоа, ова министерство упатува јавно предупредување до сите медиуми кои ги прекршиле прописите, професионалните и етичките стандарди и ги повикува без одлагање и без исклучок да се воздржат од ваквото однесување.
Министерството за информирање и телекомуникации апелира до сите медиуми да се придржуваат и до законските одредби и до професионалните и етички стандарди при известувањето за сите прашања од јавен интерес.
Од Министерството укажуваат на потребата од зголемено новинарско внимание, особено во случаите кога станува збор за теми кои дополнително можат да ги вознемират лицата или пошироката јавност“, се вели во објавата на Министерството.