Законската регулатива и јавно-приватниот дијалог треба да бидат поставени во насока на изградба на подобра бизнис клима за раст и развој на економијата, но поради аномалии и нелогичности во законските и подзаконски акти и непостоењето на конструктивна соработка со Агенцијата за катастар на недвижности поголем дел геодетските друштва се доведени на работ на егзистенцијата, апелира Комората на трговски друштва за геодетски работи на РМ во која членуваат 140 правни субјекти, директно се вработени околу 800 физички лица, а се обезбедува егзистенција за околу 5.000 лица.
Комората, а преку неа и геодетски компании во моментов се соочуваат со многубројни и различни проблеми.
„Актуелен проблем со кој се соочуваме е одземањето на јавните надлежности за издавање/одземање на лиценци за вршење на геодетски работи на Комората од страна на Агенцијата. Ингеренциите се одземени само поради еден случај во кој Управниот одбор на Комората одлучи да не се одземе лиценца за работа на трговско друштво кое врши геодетски работи бидејќи сметаше дека не се исполнети условите за да не донесе таква одлука. Потенцирам дека во гласањето за носење на ваква одлука учествуваа и тројцата членови на УО кои се делегирани од Директорот на Агенцијата. И покрај тоа што согласно законот ова решение е конечно и извршно, Агенцијата достави укажување до Комората во кое бара да се преиначи веќе донесеното решение. Ваквото Укажување е директно и грубо мешање во независното работење на Комората без законски основ поради што и не се постапи по него, а по што следуваше решение на Агенцијата со кое се одземаа јавно пренесените ингеренции на Комората за издавање/одземање на лиценци. Законот и подзаконските акти не предвидуваат како да се постапи во ваков случај, поради што немаме решение за тоа како да течат процесите како што се издавање и одземање на лиценци, промена на седиште, згаснување на правен субјект и др.. Поради правниот вакум во кој Агенцијата самата се вовлече, истата во моментов се обидува да ја преземе оваа надлежност, но не може бидејќи комисијата која го прави тоа е орган на Комората, на жиро-сметка на Комората се уплаќаат предвидените надоместоци, а документите ги потпишува Претседателот на Комората“, изјави претседателот на Комората, Никола Рибароски.
Следниот проблем со кој се соочува секторот, е начинот на функционирање на УО, кој се состои од 7 членови од кои четири се избираат на Собрание, а тројца се назначуваат од Директорот на Агенцијата. Овој начин на избор директно ја ограничува законски пропишаната независност на Комората. На нашите иницијативи да се промени структурата на Управниот одбор добиваме објаснување дека тоа е така затоа што имаме јавни овластувања. Но ова тврдење не може да биде издржано бидејќи и други комори, како онаа на архитектите и инженери, адвокати и др. исто така имаат јавни овластувања, но немаат ниту еден член во раководните структури делегиран од државна институција.
Во овој случај има и ситуација на судир на интереси, бидејќи Агенцијата го контролира работењето на Комората, а има тројца членови во УО кои ја води Комората’, истакна Рибароски.
Подолго време, горливо прашање е и Тарифникот за висина на надоместок за извршени геодетски работи кој не е променет од 2013 година, кој е со многу грешки и нелогичности, а за кој имаме реакции и од многу држани институции. Комората во 2019 година подготви нов предлог-тарифник и го достави до Агенцијата, која пак по две годни се изјасни дека истиот не може да биде прифатен бидејќи не е запазена методологијата пропишана во Законот за катастар на недвижности. Ниту во Законот, ниту во подзаконски акт не е пропишана оваа методологија на која Агенцијата се повикува.
Рибароски истакна дека за надминување на овие проблеми потребни се итни и конкретни решенија за чие донесување е неопходно да се заземе Владата, бидејќи и покрај сите залагања не може да воспоставиме конструктивна соработка од Агенцијата за Катастар на недвижности за да можеме заеднички да креираме услови за опстојување, унапредување и развој на професијата.
Во изминатиот период остварени се неколку средби, но тие не придонесоа за позитивен развој на работите. Затоа Комората јавно бара Владата да се заложи за реализирање на следните активности:
Враќање на јавните овластувања на Комората со цел да нема дисконтинуитет во работењето на геодетските друштва;
Промени во структурата на УО на Комората со донесување на ново законско решение;
Прецизни насоки со кој би се усвоил нов Тарифник;
Вклучување на Комората во подготовка на сите нови законски решенија како би можело кога тие ќе се носат да бидат апликативни и одржливи решенија кон ќе придонесат за развој на секторот.