ССК: Правото на сопственост е неприкосновено, да се најде фер решение за топланите во Скопје

од Nikola Popovski
270 прегледи

Сојузот на стопански комори (ССК) ги повикува институциите на државата транспарентно да остварат дијалог со сопственикот на топланите Исток и Запад, компанијата Адора Инженеринг и безусловно да го решат прашањето во врска со топланите за навремено да се обезбеди топлинска енергија за градот Скопје. Според нив, само на овој начин државата ќе покаже дека имаме институции и владее правото во оваа држава, бидејќи и компанијата, а и граѓаните трпат огромни штети.

-Ги повикуваме, Регулаторната комисија за енергетика, ЕСМ АД Скопје и Владата како координатор на целиот процес во оваа кризна состојба да се најде праведно и фер решение за користење на топланите преку договор за закуп, кој нема да биде на штета на компанијата или со откуп на топланите од страна на ЕСМ АД. Јавно ја поддржуваме нашата членка Адора Инженеринг, за која, како што може да се разбере од целата комуникација само сака да си ги наплати финансиските долгови, кои законски и следуваат.

Во обид да најде решение прифатливо за сите засегнати страни истакнуваме и дека од компанијата Адора Инженеринг се доставени околу 100 дописи до надлежните институции, од нив 29 се до стечајниот управник, 25 до Регулаторната комисија за енергетика, 10 до ЕСМ АД, 4 до Владата. На сите овие дописи институциите останаа неми на потребата за решавање на проблемот и важноста на истиот и кон приватната домашна компанија, Адора инженеринг и пред сè јавниот интерес и општото добро за граѓаните.

Потенцираме дека правната несигурност и непостоењето на заштита на приватната сопственост е еден од важните фактори кои ограничувачки делуваат на поттикнување на домашни и странски инвестиции, со што директно се кочи економскиот развој на државата, велат од ССК.

Сојузот на стопански комори на Македонија јавно ги повикува надлежните институции да го почитуваат принципот на владеењето на правото, како и со Устав загарантираното правото на располагање со приватна сопственоста и во најкус можен рок да овозможат остварување на владение од страна на Адора Инженеринг на топланите во Скопје, кои се купени во транспарентна постапка на јавно наддавање.

-Имено иако компанијата се стекна со сопственост врз топланите Исток и Запад во градот Скопје во септември 2021 година, се уште нема владение врз имотот за кој што плати 9,26 милиони евра со сите давачки. На наддавањето Адора Инженеринг даде највисока понуда и ги купи топланите Исток и Запад за што навремено ја исплати целосната сума. И покрај тоа, пoради административни, институционални и други системски недоследности, како инвеститор, Адора Инженеринг не може и до ден денес, веќе 13 месеци од продажбата да го оствари правото на сопственост врз објектите на топланите и покрај тоа што ги употребија сите правни механизми за тоа. Адора Инженеринг е принудена да финансира и дел од работењето на топланите со свои основни средства, а во исто време за тоа не може да добие ниту владение, ниту надомест. Адора Инженеринг трпи огромни финансиски и штета врз угледот на компанијата поради неможноста да го запише имотот што го купила под хипотека во корист на банката од која е обезбеден кредитот, стои во соопштението на ССК.

Слични содржини