В.д Директорот на ЈП Водовод и канализација Скопје, Марјанче Митовски продолжува со своето шерифско однесување и утринава спротивно на Закон и колективен договор му дал отказ на претседателот на Синдикатот во Водовод и канализација Скопје што е преседан во работењето имајки во предвид дека в.д директорот е непресметлива личност , со конфликтна состојба на работа, со лоши мисли, кој смислил дека како одговор на најавениот штрајк во ЈП Водовод и канализација сега е моментот да му даде отказ на претседателот на синдикатот Кашиковски, информираат од Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ).
Од таму додаваат дека согласно Законот и колективниот договор на претседателот на синдикат не може да му се даде отказ, особено поради тоа што во моментот се спроведува постапка за штрајк и ваквиот притисок е порака за работниците да бидат послушници на Митовски кој веќе и им испраќаше и заканувачки пораки на сите работници кои сега се остваруваат и покрај предупредувањето од Синдикатот СУТКОЗ при ССМ што беше и едно од главните барања за разрешување на в.д директорот.
-Со давањето отказ на претседателот на синдикатот Кашиковски, нема кој да го спречи Марјанче Митовски во остварување на неговите лоши мисли, опасни по безбедноста на изворите од кои се снабдува со вода градот и граѓаните на Скопје, а за што синдикатот јавно предупредуваше дека ќе се случи, а сега со активностите на в.д директор и се потврдува тоа, порачуваат од ССМ.
Од таму бараат градоначалничката на град Скопје, Данела Арсовска „наместо да се пресметува со своите неспособни кадри кои се нејзин личен избор да раководат со јавните претпријатија, преку осуденици, лица со лоши мисли и непресметливи лица се пресметува со синдикатот што го нема ниту во земјите кои имаат диктатори за владетели, а веројатно и градоначалничката се однесува така“.