ССНМ го осуди упадот на Мирчевски во вчерашната емисија „Само вистина“

од Nikola Popovski
505 прегледи

Самостојноста и интегритетот на новинарите и нивната слобода во уредувањето на емисиите за кои се задолжени е основен новинарски стандард со кој се штити независноста и професионалноста на новинарите и медиумските работници, велат од новинарските здруженија.

ССНМ остро го осудува упадот на менаџерот на ТВ Канал 5, Иван Мирчевски во вчерашната емисија „Само вистина“ со кој освен што го прекрши правилото на одвоеност на уредувачката политика на медиумите од нивните менаџерски тимови, остави впечаток дека новинарите се само исполнувачи на задачи и интереси на сопствениците, а не се водат според јавниот интерес и новинарските начела.

-Недозволиво е национален медиум да си дозволи бркање на гостин повикан од уредникот на емисијата бидејќи со тоа се доведува во прашање улогата на новинарот и неговата слобода на изразување. Дебатата е новинарски жанр во кој мора да се почитуваат новинарските стандарди, етичкиот кодекс, како и јавниот интерес, што беше и видливо при обидите на водителот Алексадар Видиновски професионално да ја смири ситуацијата и да се одбрани од несоодветните и дрски забелешки на гостинот Исмет Рамадани во емисијата. Исто така, особено реагираме на леснотијата со која гостинот си дозволи да го напаѓа и дисквалификува новинарот што е недозволиво за учесник во јавна дебата.

Јавниот простор, како што е телевизискиот етер им припаѓа на граѓаните и главна задача на медиумите е да го штитат јавниот интерес. Затоа повикуваме и очекуваме сите учесници во јавниот дискурс да ги почитуваат стандардите на однесување, да се воздржуваат од провокации и етикетирања, затоа што освен што прва жртва се новинарите, се загадува и јавниот дискурс, а се создава и штета за граѓаните и целото општество, стои во соопштението од новинарското здружение.

Слични содржини