ССНМ: Најбогатите продолжуваат да се богатат на маката на сиромашните, да жнеат „воени камати“

од Берта Китинска
333 прегледи

Кризата предизвикана од прогласената пандемија на Ковид-19, ја затекна нашата држава во услови на распуштено Собрание и Техничко-партиска Влада која се одлучи да оди со навидум силни заштитни економски мерки. За жал, најголемиот товар од кризата сепак падна на работниците и работничките, кои добиваат пониска плата, кои го губат работното место и постојано се под социјален и економски притисок, велат од Синдикат на новинари и медиумски работници.

Од синдикатот порачуваат дека Техничко-партиската Влада, која ја предводи номинално социјалдемократска партија,  е крајно време да преземе поинакви чекори.

За тоа време, најбогатите продолжуваат да се богатат на маката на сиромашните, да жнеат „воени камати“, да си исплаќаат дивиденди, да плаќаат пониски даноци, па дури и да добиваат државна поддршка за наводно „изгубените“ профити?!Ѝ порачуваме на Техничко-партиската Влада, која ја предводи номинално социјалдемократска партија, дека е крајно време да преземе поинакви чекори – во насока на заштита на „малиот човек“, односно на сиромашните, работниците и работничките, експлоатираните, маргинализираните, ранливите, па и по цена на посегнување по џебот на традиционалниот партнер на секоја Влада – богатите, големите компании, моќните, олигарсите.
БАРАЊЕ БРОЈ 1: Работење во интерес на работничките и работниците, а не на моќниците.

Крајно незадоволни од потценувањето и игнорирањето на работничките и работниците со чиј труд се обезбедува егзистенцијата и на бизнисмените и на политичарите, повторно бараме Владата да ги преземе следниве поединечни мерки:

Да не се дава финансиска поддршка на фирми кои ќе отпуштаат работнички и работници за време на кризава.
Да се овозможи паричен надоместок за невработени да можат да користат и лица на кои работниот однос им престанал поради сопствена изјава, спогодбено или поради наводно нарушување на дисциплината, за да се заштитат работниците кои останаа без работа на овој начин во кризава.

Да се донесе уредба дека платите на работничките и работниците нема да може да се намалуваат повеќе од 20% за време на кризата, како што е дефинирано со Општиот колективен договор за приватниот сектор. Изминативе недели, многу фирми ги намалуваа платите за дури 50%, повикувајќи се на „виша сила“, што не смее да се дозволи.
Да се обезбеди заштита на прекарните работнички и работници (хонорарци, фриленсери итн), кои се најнесигурната категорија работнички/работници и немаат речиси никакво социјално и здравствено осигурување. Овие лица, по примерот на самостојните уметници и спортистите, да добиваат финансиска помош во месечен износ од 14.500,00 денари.

Да се забрани пресметување камати за времетраењето на кризата, од страна на банките, штедилниците, финансиските друштва и извршителите, односно, да се спречи претходно наведените субјекти да профитираат во оваа криза на грбот на сиромашните.

Државните служби (ДИТ, АВРМ, УЈП) поефикасно да реагираат за да се спречат злоупотреби во време на кризава, при спогодбени откази, откази од страна на работодавачи и сл. Државните служби да иницираат постапки за утврдување одговорност при евентуални кривични злоупотреби од страна на работодавачи во врска со спогодбените и другите откази на работници од изминативе недели.

Синдикатите и здруженијата на граѓан(к)и кои се залагаат за работниците и за работничките права задолжително да бидат консултирани при подготовката на мерки кои се поврзани со нив и ниедна ваква одлука да не помине без нивна согласност.

БАРАЊЕ БРОЈ 2: Даночење на оние кои имаат, а не на оние кои немаат.
Воведување прогресивен данок на добивка, со стапка од 20% на добивката која надминува еден милион евра. Со ова ќе се оданочат најпрофитабилните 200 компании во државава, кои профитираат и во кризава. Со оваа мерка, ќе се соберат дополнителни околу 100 милиони евра на годишно ниво.

Воведување прогресивен данок на личен доход, со стапка од 20% за доходот над 1500 евра месечно, и 30% за доходот над 2500 евра. Со ова ќе се оданочат најбогатите 1% луѓе во државава и ќе се соберат дополнителни 50 милиони евра на годишно ниво.

Укинување на горниот лимит за пресметката на социјалните придонеси, кој ги привилегира лицата со плати над 10.000 евра месечно. Најплатените 250 директори во државава имаат плати над 10.000 евра месечно, а плаќаат придонеси за социјално осигурување од само 9%, за разлика од другите граѓани кои плаќаат 28%, поради овој лимит. Со ова, ќе се соберат дополнителни 10 милиони евра.

Воведување данок на средства на банките кои не се пласирани во економијата, во висина од 2%. Со овој данок, ќе се соберат околу 10 милиони евра на годишно ниво.

Воведување данок од 30% на исплатените дивиденди. Многу фирми, вклучувајќи и банки, исплатија и исплаќаат дивиденди и во кризава, што е економски неоправдано, па дури и нехумано.

Поништување на покачувањето на акцизите. Акцизата е давачка која ја сносат и посиромашните луѓе и малите фирми, кои се најпогодените од кризава. Нејзиното покачување за времетраењето на кризава е неоправдано, особено во услови која најбогатите продолжуваат да плаќаат пониски даноци.

БАРАЊЕ БРОЈ 3: Да престане анимозитетот кон јавниот сектор.

Оваа криза треба сите да нè научи за важноста на јавниот сектор и за тоа дека никој од нас не може да функционира без него. Работниците од јавниот сектор се првите на линијата на одбрана од пандемијата. Здравствените работници деноноќно се жртвуваат за доброто на сите нас. Полицајците и војската постојано се грижат за одржување на јавниот ред и мир. Инспекторите спречуваат фирмите да ги креваат цените и да ги прекршуваат законите во кризава. Наставничките ги учат нашите деца и додека се тие дома. Културните работнички и работници создаваат и додека сме во карантин. Административните службеници ги подготвуваат уредбите кои Владата ги носи и во овие времиња. Овие позитивни примери се далеку побројни од негативните примери кои постојано се истакнуваат во јавноста. Затоа, бараме од приватниот сектор, медиумите, граѓанскиот сектор, општата јавност, да прекине со општиот анимозитет кон јавниот сектор и со квалификувањето на сите вработени во јавниот сектор како неработници и изедници на државниот буџет.
БАРАЊЕ БРОЈ 4: Владата најитно да излезе од заложничката состојба и да му помогне на Претседателот на Републиката најитно да најде начин да продолжи со работа Собранието. Ваквото решение не е само неопходно за враќање на демократијата во нашата држава, туку и можеби единствениот начин да се застане на пат на „воените“ профитери и нивните слуги.

Работничките и работниците не молчат ниту во време на пандемија! И со маски, ќе бидеме гласни!, стои во соопштението од Синдикат на новинари и медиумски работници.

Слични содржини