Силвестер Сталоне на својот официјален канал на Јутјуб објави документарец за настаните зад сцената за време на снимањето на филмот „Роки 4: Роки против Драго“. Сите беа изненадени од откритието на Сталоне дека тој за малку ќе умрел додека ја снимал култната борба со Долф Лундгрен.
И покрај сите кореографии и извежбани потези, борбата меѓу Силвестер Сталоне и Долф Лундгрен за време на снимањето на Роки 4, го сместила главниот актер во болница четири дена. Кобниот удар на Лундгрен, се разбира, влезе во финалната верзија на филмот.
„Прво го снимавме моето и неговото влегување и најавите, а потоа почна борбата. Се здобив со сериозни повреди додека ја снимав. Тимот мораше итно да ме префрли од Канада на интензивна нега во болница во Калифорнија“, изјави Сталоне во „The Making of Rocky vs. Drago by Sylvester Stallone“ кој беше објавен на YouTube.
„Ме скрши! Ништо не почувствував во тој момент. Моето срце почна да чука подоцна истата вечер. Мојот крвен притисок скокна на 260 и скоро отидов да разговарам со ангелите. Следното нешто на кое се сеќавам беше лежењето на интензивна нега опкружен со калуѓерки“, додаде Сталоне, истакнувајќи дека веднаш штом закрепнал, се вратил на снимањето за да ја заврши сцената.
„Роки 4“ беше објавен во 1985 година, а сценариото и режија беше на самиот Сталоне. Иако филмот доби различни критики, тој сепак заработи 300 милиони долари ширум светот и стана еден од најголемите спортски филмови.