Стаменкоска Трајкоска за бројот на градоначалнички на ниво држава: Патот кон поголема родова еднаквост почнува од образованието

Политиката нема род туку резултати, стереотипите не можат да бидат изговор, вели за „Локално“ градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска.

од Бисера Трајковска
104 прегледи

Резултатите од локалните избори го поставија прашањето еднакво ли е учеството на мажите и жените во политиката, со оглед на фактот дека само четири жени ја добија довербата на граѓаните и беа избрани за градоначалнички. На овие избори од вкупно 309 кандидати за градоначалници, само 32 беа жени, што укажува дека можеби е потребна поинаква политичка средина, каде гласовите на жените ќе бидат добредојдени, слушнати и адресирани.

Градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска за „Локално“ вели дека политиката долго време се перцепираше како „машки терен”, но секоја жена што денес чекори по тој пат, успешно ја менува таа перцепција. 

-Секоја наша победа, секој успешно реализиран проект или добро донесена одлука ја руши претставата дека лидерството има пол. Мојата кандидатура и изборот што го направија жителите на Кисела Вода не се само лична победа, туку порака дека времињата се менуваат, дека жените се подготвени да водат, а граѓаните се подготвени да им ја доверат таа одговорност, посочи Стаменкоска Трајкоска.

Таа потенцира дека жените сѐ повеќе се гледаат како личности кои носат резултати, кои  имаат визија, организираност и храброст. 

-И тоа е најголемата промена – што не зборуваме повеќе за „женско учество”, туку за компетентно и квалитетно лидерство, независно од полот. Верувам дека во следните изборни циклуси ќе има уште повеќе подготвени и решителни жени, затоа што гледаат дека кога постои волја, знаење и интегритет, резултатите се неминовни, додава градоначалничката на Кисела Вода.

Како што посочува, стереотипите постојат, но не можат да бидат изговор. 

-Тие не се ѕид пред кој треба да застанеме, туку предизвик што треба да го надминеме. Јас одбрав да бидам пример дека професионалноста нема пол туку има знаење, работа и интегритет. На крајот, резултатите се тие што зборуваат, а не полот на оној што ги постигнал. Во мојот тим има многу жени на раководни позиции, но и многу мажи кои ја ценат компетентноста, а не полот. Тоа е вистинската еднаквост. Кога сите се вреднуваат според она што го знаат и можат, додава Стаменкоска Трајкоска.

Како што вели, кога една жена успева, таа не се искачува сама, туку ја отвора вратата и за други жени по неа, покажувајќи дека успехот не е исклучок, туку можност. 

-Тоа е мојата лична мисија – да градиме општество во кое жените нема да треба да се докажуваат, туку непречено да работат. Припаѓам на генерација што го редефинира лидерството, каде успехот не се мери по пол, туку по кредибилитет и постигнати резултати, потенцира Стаменкоска Трајкоска.

Според градоначалничката, политиката нема род, таа има резултати, што граѓаните ги вреднуваат и ценат. 

-Кога нешто функционира и се гледа напредок, тогаш родот станува ирелевантен. Тоа е насоката во која треба да се движиме. Да ја ослободиме политиката од стереотипи и да ја засноваме на одговорност, компетентност и конкретни постигнувања, појаснува таа.

Стаменкоска Трајкоска вели дека во последните години сѐ поголем е бројот на жени кои се на одговорни функции како пратенички, министерки, градоначалнички. 

Тоа, потенцира, покажува дека општеството созрева и дека жените бараат и добиваат рамноправна можност да покажат што знаат. 

-Јас самата доаѓам со парламентарно искуство. Пет години бев пратеничка, а денес сум градоначалничка. Имаме и жена за претседател на државата. Тоа е природен тек на развој, но и доказ дека жената може да се афирмира и на централно и на локално ниво, кога работи со посветеност и визија, додава Стаменкоска Трајкоска.

Според неа, патот кон поголема родова еднаквост почнува од образованието и од домашното воспитување. 

-Ако девојчињата растат со порака дека можат да бидат што ќе посакаат, тогаш по неколку години ќе имаме општество во кое тоа ќе биде сосема природно. Системските промени се важни, но најважна е промената во свеста. Јас сум доказ дека кога една жена е подготвена, не ѝ треба ничија дозвола за да успее. Ние не бараме привилегии, туку еднаква шанса да покажеме што знаеме. А кога ќе ни се даде таа можност, резултатите говорат сами за себе, појаснува градоначалничката.

Потенцира дека во партијата од која доаѓа ова веќе е реалност. 

-Се создава простор за повеќе жени на лидерски позиции, а трендот е јасен и нагорен. Тоа покажува дека вистинската еднаквост не се прогласува туку се живее преку дела и континуитет, додава Стаменкоска Трајкоска.

Б.Т.