Стамов: Ќе побараме дополнителни испитувања за водата во Дојранското Езеро

од Vladimir Zorba
91 прегледи

Градоначалникот на Општина Дојран Борче Стамов на денешната прес-конференција изрази зачуденост од резултатите на Институтот за јавно здравје и забраната за капење на четири дојрански плажи донесена од Здравствениот и санитарен инспекторат.

dojransko ezero

– Зачудени сме од повеќе причини зашто во анализите не е потврдено присуство на бактериите ешерихија коли и други кои се од фекално потекло. Канализацискиот систем е во најдобра кондиција во последните 20 години. Пред две години целосно ја реконструиравме пречистителната станица, а годинава целосно ја реконструиравме главната колекторска линија со инсталирање нови пумпи со капацитет три пати поголем од оној што го имаа претходните 10 препумни станици, рече Стамов.

Зачудени сме, рече Стамов, од причини што дотокот на чиста вода од врнежите никогаш досега не бил поголем. Водостојот на Дојранското Езеро е на највисоко ниво, а сите добро се сеќаваме во каква состојба беше Езерото некогаш кога немаше забрана за капење.

Изминативе два дена, посочи Стамов, имавме интензивни контакти со претставници од Општината Кукуш од грчка страна со која го делиме Езерото.

– Во студијата изработена од нивни реномирани институции во изминативе 42 месеци од над 30 специјализирани научници констатираат дека Дојранското Езеро има исклучително чиста вода која во голема мера се зголеми во последните две години со голем избор на риби и интересна фауна во околината. И токму затоа сме зачудени од испитувањата на Институтот за јавно здравје, додаде Стамов.

Како општина, рече Стамов, ќе побараме дополнителни испитувања и анализи од повеќе институции од причина што сметаме дека водата во езерото никогаш не била почиста од почетокот на еколошката катастрофа до денеска.

– Имавме контакти и со повеќе министри од Владата, па можам да кажам дека нивен и наш приоритет е што побрзо надминување на оваа ситуација со ставањето на забрана за капење на четирите дојрански плажи, истакна градоначалникот.

Многу значајно е, нагласи Стамов, што побрзо да се отстрани сомнежот за квалитетот на водата во Езерото, а за мене како градоначалник на Дојран и за сите граѓани на Дојран е да ја отстраниме опасноста за економскиот просперитет на општината.

– Дојран изминативе години рушеше рекорди по бројот на туристите и ќе направиме се што е во наша можност да се вратиме на тие патеки, рече градоначалникот Борче Стамов.