Стано: Главните преговарачи на Белград и Приштина следната недела во Брисел

од Stefanija Kuzmanovska
205 прегледи

Следната недела во Брисел ќе се сретнат главните преговарачи на Србија и Косово, Петар Петковиќ и Бесник Бисљими, потврди портпаролот на Европската унија (ЕУ) Петер Стано, пишува „Радио Слободна Европа“.

Според Стано, Бисљими од Приштина и Петковиќ од Белград доаѓаат на покана на европскиот олеснувач со цел „да го претстават сето она што е договорено во Охрид и да почнат со следните чекори кон имплементација“.

Средбата на главните преговарачи е прва по средбата во Охрид на која претседателот на Србија Александар Вучиќ и премиерот на Косово Албин Курти се договорија за спроведување на Договорот за нормализација на односите. Двајцата претходно на крајот на февруари во Брисел го прифатија европскиот предлог за нормализација на односите.

Мирослав Лајчак, специјалниот претставник на ЕУ за дијалог, минатата недела за РСЕ потврди дека средбата на главните преговарачи ќе биде првиот чекор кон процесот на спроведување на се што е договорено во Охрид.

Стано нагласи дека Европската унија веќе го започна својот дел од работата поврзана со вклучувањето на Охридскиот договор во поглавјето 35 во пристапните преговори меѓу Србија и ЕУ. Тој потврди и дека во иднина ќе има средби на највисоко политичко ниво, но дека Брисел ќе го најави одржувањето на тие средби кога ќе има потреба.

Слични содржини