Стано: Косово покажа подготвеност за дијалог, истото го очекуваме и од Србија

од Stefanija Kuzmanovska
204 прегледи

Европската унија е подготвена да го продолжи дијалогот без одложување, што треба да доведе до сеопфатна нормализација на односите, а точното време на продолжување и обемот на дијалогот ќе го одлучат двете страни, изјави за „Гласот на Америка“ портпаролот на високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедност Питер Стано.

„Мирослав Лајчак, специјалниот претставник на Европската унија за дијалогот меѓу Белград и Приштина, во наредните денови ќе патува во регионот за да го подготви теренот и да разговара за аспектите на дијалогот со учесниците“, рече Стано во писмениот одговор.

Како што дозна „Радио Слободна Европа“, Лајчак ќе ја посети Приштина следната недела. Според РСЕ, Лајчак ќе пристигне во Приштина преку Албанија и планира повеќедневен престој.

Стано, исто така, рече дека косовските власти треба да одлучат кој ќе го претставува Косово во дијалогот со кој посредува Европската унија.

Тој исто така додава дека статус-квото во дијалогот не е одржливо.

„Високиот претставник на ЕУ, Борел и специјалниот пратеник Лајчак, ја поздравија одлуката на косовските власти да ги отстранат мерките спротивно на постигнатите договори во дијалогот“, рече Питер Стано за „Гласот на Америка“.

„Со отстранување на преостанатите пречки за продолжување на дијалогот под покровителство на ЕУ, новата влада ја покажува својата посветеност да го започне повторно дијалогот без одложување. Сега очекуваме Србија да го стори истото. Србија треба да придонесе, особено во меѓународните односи, за воспоставување погодно опкружување за правно обврзувачки договор со Косово“, рече Стано.