Стано: Тешко е да се поверува дека Пригожин навистина погинал

од Radmila Tasevska
268 прегледи

Европската унија соопшти дека е „тешко да се проверат“ извештаите дека лидерот на паравоената група „Вагнер“, Евгениј Пригожин, загинал синоќа во авионската несреќа.

-Видовме извештај за авионската несреќа во која наводно загинал Евгениј Пригожин, заедно со членовите на неговата придружба и членовите на екипажот, изјави Петер Стано, портпарол на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика на денешната прес-конференција.

„Меѓутоа, како и многу други работи во Русија, многу тешко ни е да потврдиме за тоа, а не е наше да коментираме“, додаде Стано.

Портпаролот на ЕУ истакна дека се добро познати „негативните акции“ на Пригожин и групата „Вагнер“, посочувајќи на нивното учество во војната во Украина и операциите во африканските земји.

-Секаде каде што беа оставија трага од кршење на човекови права и меѓународното хуманитарно право. Има многу неодговорност и нејасни се правилата според кои работат, рече Стано.

Идните операции на групата нема да бидат погодени само од „наводната смрт на Пригожин“, туку и од „настаните во јуни“ кога групата одлучи да маршира кон Москва во краткотраен бунт, додаде тој.

Стано кажа дека ЕУ се надева дека ќе престане „негативното влијание“ на операциите на „Вагнер“, додавајќи дека е свесен дека платеничката група „не се врзува само за името на нејзиниот водач“. Тој посочи дека поврзаноста на групата со Кремљ е едно од неколкуте „комплексни прашања“, истовремено нагласувајќи дека не е на ЕУ да „погодува дали наводната смрт на Пригожин во авионска несреќа ќе има некои конкретни последици за активностите на „Вагнер“.

Слични содржини