Јужна Осетија, покраината која се отцепи од Грузија и се нарекува себеси независна држава, разговара со официјални претставници на Москва за можноста да стане дел од Руската Федерација, пренесува руската новинска агенција РИА Нивости цитирајќи го шефот на парламентот на Јужна Осетија.
Русија ги призна Јужна Осетија и Абхазија, уште една отцепена провинција, како независни држави во 2008 година откако руските сили го одвратија грузискиот обид да ја вратат Јужна Осетија во петдневната војна истата година. Нивната независност ја признаа и Венецуела, Никарагва, Науру и Сирија.
Но, Западот ја обвини Русија дека практично анектира два регион кои сочинуваат една петтина од територијата на Грузија, а Тбилиси си ги сака назад.
„Разговараме за сите овие прашања во тесна координација со Русија, земајќи ги предвид нашите билатерални односи и договори“, изјави за РИА Алан Алборов, претседател на Парламентот на Јужна Осетија, коментирајќи ја можноста за одржување референдум за приклучување кон Русија.
„Кога заедно со Руската Федерација ќе дојдеме до таа идеја (за приклучување кон Руската Федерација), ќе го сториме тоа“, рече Алборов.
Лидерот на Јужна Осетија поддржан од Москва, Алан Гаглоев минатата година изрази надеж дека покраината официјално ќе стане дел од Русија.
Јужна Осетија се отцепи од грузиската власт по војната во 1991 и 1992 година во која загинаа неколку илјади луѓе и одржува блиски врски со соседната руска провинција Северна Осетија. Повеќето од жителите на Јужна Осетија се етнички различни од Грузијците и зборуваат свој јазик поврзан со персискиот јазик.
Речиси целото население прифати руски пасоши. Тие ја користат руската рубља како валута, а нивната економија зависи од Русија.