Во текот на вчерашниот ден „ЈП Лајка“ објави соопштение за јавноста во кое е наведено дека во прифатилишето е констатирана појава на инфективна болест штенечак – кучешка чума (Canine distemper) и од таа причина донесена е одлука за престанок со заловување и враќање на бездомни кучиња првично во период од 14 дена.
Поради долгата инкубација на болеста и следствено, опасност кучињата да пројават знаци на болеста веќе откако ќе бидат вратени на локација, затоа, во периодот од 14 дена во стационарот ќе се прифаќаат само кучиња кои се пријавени за агресивни или кои каснале граѓани. За вереме на тој период во „Лајка“ ќе се врши внатрешна реорганизација, дезинфекција и санација на сите оддели – карантин, интензивна нега, пост-оперативен дел и вдомување.
Но, редакцијата на „Локално“ доби информации за повеќе сериозни проблеми во стационарот „Лајка“. Покрај појавата на штенечак, во „Лајка“ има и кучиња кои се болни од парво, кој е многу контагиозен вирус и подолго преживува во надворешна средина. А, во изминатиот период имало инвазија од стаорци, кои покрај тоа се потенцијална опасност за ширење на повеќе заразни болести и кај кучињата и кај вработените, предизвикале значителна штета. Според неколку наши извори, стаорците го оштетиле системот за подното греење за кучињата, возило, ѕидови, опрема и облека на вработените, а измет од нив имало и во храната на кучињата.
Познавачи на реалната состојба во стационарот за Локално рекоа дека стаорци се шетале дури и на места кајде што вработените си ја чувале својата храна и пијалоци, но дека се под притисок заради тоа што работат со договори на дело кои може да не им бидат подолжени ако јавно проговорат за проблемите.
Иако според закон, во стационарот треба да се врши дератизација на секои 6 месеци и во случај да се појават глувци таа поцедура треба да се прави и почесто, бидејќи не смее да се дозволи присуство на глодари и птици во стационар од таков вид, тоа извесен период не се правело.
Во врска со ова, редакцијата на „Локално“ испрати прашања до „Лајка“ за да добие појаснувања околу состојбата. Одговорот што го добивме потврдува дека во стационарот, „поради неговата местоположба на кејот на реката Вардар“ има стаорци.
„Во последните неколку месеци вршевме интензивна дератизација, и моменталната состојба е сведена на минимум,“ истакнаа од „Лајка“.
Покрај проблемите со стаорците, стационарот е соочен и со појава на заразни болести кај кучињата. Од „Лајка“ потврдија дека е забележано зголемување на бројот на случаи на штенечак, не негираат дека има и парво вирус, но уверуваат дека проблемот под контрола и дека преземаат мерки.
„Како и претходните години, и оваа зима забележуваме минорно зголемен број на заразени кучиња. Преземаме активности за засилена дезинфекција, санација на сите оддели и лекување на афектираните животни,“ велат од „Лајка“.
Дополнително, во одговорот испратен од „Лајка“ се нагласува дека заловувањето и враќањето на локација на кучињата ќе биде привремено прекинато, а сите кучиња кои ќе бидат вдомени ќе бидат тестирани на заразни болести пред да ги напуштат просториите на стационарот.
И.И.