Денеска, на градоначалникот на Општина Куманово Максим Димитриевски во присуство на директорот на Агенцијата за млади и спорт Наумче Мојсовски, а на иницијатива на старите спортски легенди од сите спортски дисциплини од Куманово, му беше подарена кошаркарска топка со потписи на спортистите. Овој гест е во знак на благодарност за целокупниот ангажман и активности за реконструкцијата на спортско културниот центар Соколана.
Градоначалникот се заблагодари на спортистите и истакна дека поводот за реконструкција на овој објект е од кумановчани, но и други македонски и екс југословенски спортски легенди пред две години на првиот состанок кога видел со каков жар, ентузијазам и со какви емоции зборуваат за овој објект, бидејќи токму тука започнал културно спортскиот живот на Куманово.
„Тоа за мене беше уште повеќе, во соработка со државата првенствено да ги побараме поранешните спортски објекти да ни се вратат назад на општината, таму каде што припаѓаат на граѓаните, а подоцна и да отпочнеме со нивна реконструкција. Наидовме на разбирање во Владата, беше донесена таква одлука, беа прекинати договорите со поранешните концесионери. Објектите се наоѓаат во лоша состојба, но ние имаме обврска да ги реконструираме. Благодарејќи на помошта од Агенцијата за млади и спорт некаде околу 7 милиони денари се издвоија од страна на Владата преку Агенцијата за отпочнување на првата фаза за реконструкција на спортско културниот центар Соколана. Денеска гледаме дека тука се реализира тој проект. Во оваа прилика сакам да се заблагодарам на изведувачот на работите, фирмата „Катинг“ од Скопје. Работите одат во одличен интензитет и верувам дека рокот којшто е предвиден од 10 месеци ќе биде скратен на некаде 5 до 6 месеци и во средина на пролетта ќе можеме да користиме дел од овој комплекс“, потенцираше Димитриевски.
Тој истакна дека во финална фаза е изработката на проектот за реконструкција за кровната конструкција на објектот. Дополнително, санација на статиката на објектот и изрази верување дека до крајот на годината, бидејќи имаат издвоени дополнителни 700 милиони денари од општинскиот буџет и дополнителни 7 милиони денари повторно од Агенцијата за млади и спорт каде што ќе се почне со втора фаза.
„Ни останува подоцна третата фаза, а тоа е внатрешно уредување на објектот, решавање на фасадата и партерното целосно уредување на спортскиот комплекс Соколана. Се надевам дека во овој состав и со уште многу повеќе присутни овде, ќе успееме веќе следната година официјално да го ставиме ова место таму кадешто припаѓа. Да биде еден спроменик на спортот и културата на градот, дополнително да биде место каде ќе се елоцираат спомените, музеј, а и објект кој ќе се користи повторно и за спортско и рекреативно дружење на кумановци и на луѓето од бившите југословенски простори. Ми се јавија многу луѓе, големи спортски имиња и легенди како и сите вас присутни тука, почнувајќи од Словенија, Хрватска, Србија, сите поранешно екс републики, оддадоа почит на Општината и АМС. Тоа за нас е поттик повеќе да продолжиме и целосно да го завршиме овој проект и да ја видиме нашата градска убавица во едно вистинско светло како што и доликува. Во оваа прилика особено сакам да му се заблагодарам на Марјан којшто беше еден од главните луѓе кои цело време ни дишеше во врат, создаваше и твореше за овој објект и на него Општината ќе му се раздолжи на посебен начин и верувам дека еден ден ќе го видиме тука да биде управник на овој објект“, рече Димитриевски.
Поранешниот кошаркар на ДТВ Партизан Куманово Душко Ивановски во името на сите кошаркари се заблагодари за ангажманот и иницијативата на градоначалникот Димитриевски во однос на Соколана.
„Се сеќавам пред една година во вашиот кабинет се собравме поранешните кошаркари и гимнастичари и елоциравме спомени за спортската сала, јавноста знае што значи Соколана за Кумановци.Вие на тој состанок упативте една порака дека „слушајќи Ве вас поранешни спортисти од Куманово ви ветувам дека ќе направам се за да може да го вратам сјајот на Соколана и на спортските терени во Соколана како што некогаш било“. Јас во името на сите кошаркари потпишани на кошарката топка можам само да ви се заблагодарам за се она што го направивте, со какви напори сте се сретнале вие самите, во ова време на безпарица, значи треба посебно да се направи напор за да може сето ова да отпочне да се реализира. Во името на моите кошаркари и сите кошаркари кои по нас дојдоа ви благодариме и се надеваме дека наскоро повторно ќе се сретнеме кога целиот комплекс ќе биде готов и тогаш среќата ќе биде комплетна. Ви пожелувам со голем труд и напор да ја реализирате оваа ваша иницијатива“, изјави поранешниот кошаркар Ивановски.