
Министерот за финансии Зоран Ставрески ветува дека Владата преку ресорното министерство ќe одобри вработувања во ДИК за да се завршат сите активности за организирање на парламентарните избори на 24 април. По работниот состанок меѓу МФ и ДИК, Ставрески вели дека веќе е издадена согласност за 11 вработувања.
– И тоа не само онолку колку што ДИК ќе побара, туку и двојно и тројно повеќе од тоа ако е потребно, така како што, впрочем, од наша страна му беше ветено на еврокомесарот Хан, се со цел ДИК навреме да ги заврши сите подготвителни активности околу прочистување на Избирачкиот список и сите други активности кои се во нивна надлежност. Значи, уште 20-ина, 25, 30, колку што им требаат луѓе ќе бидат одобрени финансиски средства за нивно вработување, изјави Ставрески.
Тој вели дека освен вработувањата ќе бидат обезбедени и простории на подрачните одделенија на ДИК, како и службени возила.