Во последниот извештај на Стејт департментот за човековите права во светот, се наведува дека се забележани рекордни прекршувања на човековите права и злоупотреби кои се „страшни по обем и сериозност“, пренесува „Танјуг“.
Во извештајот, кој е составен врз основа на сведочењето на вработени во Стејт департментот, односно вработени во дипломатските претставништва на САД ширум светот заедно со странски владини претставници, меѓународни организации, адвокати, новинари, академици, бранители на човековите и работничките права, се наведува дека забележливи се бројни прекршувања на човековите права, пред сè во Русија, каде што се тврди дека се вршени воени злосторства, но и други прекршувања, пред се на учесниците на разни протести ширум светот, односот кон ЛГБТ населението, родово базирано насилство.
Главни „прекршувачи“ на човековите права се Русија поради војната во Украина, Иран поради протестите по смртта на Махса Џина Амини, Кина поради злосторствата врз Ујгурите во Ксинџијанг, Мјанмар поради воениот режим, Авганистан поради угнетувачките и дискриминаторски мерки на талибанците врз жените и девојчињата, Јужен Судан поради субнационалното насилство.
Извештајот, исто така, ја издвојува Сирија поради режимот кој, како што се наведува, „продолжува да затвора, мачи и убива политички противници, бранители на човекови права и новинари“, а исто така ги издвојува „авторитарните влади – како оние во Куба, Белорусија и Венецуела, која, осуди стотици или илјадници мирни демонстранти на долги и неправедни затворски казни“.
Последниот извештај, исто така, го наведува и растечкото влијание на кршењето на човековите права и злоупотребите врз луѓето во маргинализираните заедници кои страдаат од негативните ефекти на економската нееднаквост, климатските промени, миграцијата, несигурноста на храната и другите глобални предизвици.
Конкретно, извештаите за земјите од 2022 година вклучуваат зголемено известување за таканаречените практики на „терапии на конверзии“, кои претставуваат принудни или неволни напори за промена на нечија сексуална ориентација, родов идентитет или родово изразување.