Проценката на САД и НАТО е дека новата безбедносна архитектура во светот се менува и дека заради тоа потребно е зголемување на 5% од БДП на земјите членки. Зошто тоа е така? Бидејќи воено безбедносниот комплекс на алијансата е под притисок за справување со предизвиците и трката во производство на новите воени платформи. Русија и Кина напредиваат во производството на хиперсонично оружје, дронови, против воздушни системи, ракетни системи и напредни воздушни платформи од 5 и 6 генерација, како и имплементирање на вештачката интелигенција во воената индустрија. Исто така во тек е судир помеѓу источната и западната воена опрема во Украина, вели во разговор за „Локално“, безбедносниот аналитичар, Милан Стефановски откако САД очекува членките на Северноатлантската алијанса да постигнат договор за зголемување на буџетот за одбрана на 5 отсто од бруто домашниот производ (БДП) за време на самитот што ќе се одржи во јуни во Хаг.
Според него, перфомансите на едните и другите играат клучна улога на напредокот или стагнацијата на бојното поле кое ќе ја димензионира текот на војната. И, сето ова чини финансиски многу.
-Затоа алијансата во стратешкиот пристап бара систематско имплементирање на буџетско прилагодување во следните години за да се стигне до посакуваните 5 %, објаснува Стефановски. Наведува дека така беше и на самитот на НАТО во 2014 година кога одлуката за зголемување на 2% од БДП не беше прифатена со отворени раце, но до 2024 година скоро сите земји ја интегрираа во своите буџети.
Соговорникот потенцира дека Македонија и другите помали економии на земјите-членки на алијансата ќе мораат постепено низ годините да стигнат до тие 5%. Смета дека тоа нема да е лесно, ќе биде предизвик за нашиот буџет, но преку паметни економски политики, ништо не е невозможно.
На прашањето дали можеме да ја гарантираме својата безбедност од надворешни фактори со издвојување толку многу средства од БДП на земјата, Стефановски потсетува дека според членот 5 од НАТО Алијансата, нападот на една земја-членка е напад на сите земји-членки.
-Во светот на никој не му се исплаќа да војува со НАТО. НАТО е најголемата воена сила во светот и најсилна. Нашата земја е земја членка на НАТО и тоа најголемата гаранција за безбедност од надворешни фактори. Процентот од 5 % само ќе ги зголеми воените перформанси на НАТО и АРМ, потенцира аналитичарот.

Знамето на НАТО подигнато на јарболот пред Собрание
Министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски пред три дена во Вашингтон разговарше со државниот секретар на САД, Марко Рубио, на која биле разгледани можностите за продлабочување на трговските односи, за намалување на тарифите и можност за започнување на процес за потпишување на договор за слободна трговија. Во краткото соопштение на портпаролката на Стејт департментот, Тами Брус, се наведува дека Рубио побарал од сојузниците во НАТО да издвојуваат пет проценти од БДП за одбраната.
Во соопштението за средбата се вели дека биле истакнати силните односи меѓу САД и Македонија и заедничките интереси за регионалната стабилност, економската соработка и НАТО. „Тие ги разгледаа можностите за проширување на економската соработка, вклучително и трговијата и инвестициите. Секретарот (Рубио) ја нагласи потребата сојузниците на НАТО да поддржат и да постигнат пет проценти од трошоците за одбрана“, се наведува во соопштението на Стејт департментот.
Во соопштението на македонското МНР не се споменува делот за пет проценти од БДП, но се наведува дека се разговарало за намалување на тарифите за македонските производи.
Н.П.