Стејт департмент: Договорот за НАТО стапи во сила за Северна Македонија

од Radmila Tasevska
266 прегледи

Државниот секретар на САД Ентони Блинкен информираше денеска дека со депонирањето на инструментите за ратификација на Договорот за правната положба на НАТО, договорот стапил во сила за Северна Македонија.

-На 4 декември 2023 година Република Северна Македонија ги депонираше интрументите за ратификација на Договорот за статусот на Организацијата на Северноатлантскиот договор, националните претставници и меѓународниот персонал, соопштува Блинкен.

Според точка 26, параграф 2, Договорот за НАТО стапи во сила за Република Северна Македонија на 4 декември 2023 година, се вели во депозитарното известување на Стејт департменот.

Лани во јуни Северна Македонија го потпиша Договорот за правната положба на Организацијата на Северноатлантскиот договор, националните претставници и меѓународниот персонал, усвоен во Отава на 20 септември 1951 година, познат како Договор од Отава, соопшти тогаш МНР.

Договорот од Отава, чиј депозитар е Владата на САД, претставува правна рамка неопходна за функционирање на Организацијата на Северноатлантскиот договор и за извршување на службените задачи и обврски на националните претставници на државите членки на НАТО и на меѓународниот персонал во организацијата.

Со овој Договор се регулира внатрешно-правната положба, привилегиите и имунитетите на организацијата, статусот и привилегиите и имунитетите на националните претставници од државите членки на НАТО и на меѓународниот персонал во НАТО.

Слични содржини