Стејт департментот вечерва објави дека САД никогаш нема да ги заборави жртвите на Сребреница и дека годишнината од геноцидот треба да послужи како потсетник за потребата да се продолжи со потрагата по исчезнатите, да се поддржат преживеаните и да се бара правда за жртвите.
„На 27-годишнината од геноцидот во Сребреница, ние свечено жалиме за жртвите. Оваа годишнина треба да послужи како потсетник за потребата да се продолжи потрагата по исчезнатите, борбата за вистината, поддршката за преживеаните и потрагата по правда за жртвите“, се наведува во соопштението кое го пренесе портпаролот на американското МНР, Нед Прајс.
Американската нација им се придружува на народот на Босна и Херцеговина во чест на жртвите – повеќе од 8.000 мажи и момчиња кои беа убиени во јули 1995 година. САД никогаш нема да го заборави, наведено е во соопштението.
Стејт департментот додаде дека САД ќе продолжи да биде оној кој немилосрдно продолжува да „трага по изгубените, да се бори за вистината, да ги поддржува преживеаните и да бара правда со истрага и гонење на одговорните“.
„Потребни се храброст и сила за да се надминат болката и загубата и да се промовира нада и толеранција. Ние сме длабоко посветени на поддршката на лидерите на сите нивоа во Босна и Херцеговина кои се подготвени да преземат значителни чекори кон помирување во потрага по подобра иднина за сите граѓани“, се додава во соопштението.
Стејт департментот изјави дека САД го ценат своето долгогодишно пријателство со Босна и Херцеговина и остануваат „непоколеблив партнер посветен на заедничката цел за демократска, инклузивна и просперитетна Босна и Херцеговина за целосна евроатланска интеграција“.
Во Меморијалниот центар на Сребреница Поточари денеска беше одбележана 27-годишнината од геноцидот врз Бошњаците, извршен од српските сили во јули 1995 година.