Stellantis се потпира на софтвер за да ги зголеми приходите за околу 20 милијарди евра

од Vladimir Zorba
288 прегледи

Производителот на автомобили Stellantis NV ќе се потпира на партнерства со Foxconn Technology Group, Waymo и BMW AG за да генерира дополнителни приходи од околу 20 милијарди евра од софтверски контролирани функции во своите возила до крајот на деценијата, пишува Bloomberg.

Сопственикот на брендовите Jeep, Chrysler и Fiat ги проширува постоечките договори со Foxconn, која го склопува iPhone на Apple Inc., и со единицата Alphabet Inc. за технологии за автономно движење, за да се изградат три нови платформи за електрични возила до 2024 година

Овој потег речиси тројно ќе го зголеми бројот на возила на групата, кои ќе можат да генерираат приходи од софтвер, до 34 милиони возила.

„Не сакаме да правиме сè сами“, рече Ив Бонефонт, главен софтверски директор на Stellantis на брифинг. „Ќе работиме подобро со партнерите“, додаде тој.

Компанијата, исто така, планира да го зголеми бројот на софтверски инженери на 4.500 и преку вработување и преку специјална академија за преквалификација на персоналот. Со помош на Foxconn, производителот на автомобили формираше заедничка компанија за дизајн на чипови.

Под притисок

Stellantis ги следи конкурентите како Volkswagen AG во проширувањето на веќе објавените планови за електрификација на автомобили, батерии и софтвер, додека автомобилската индустрија се подготвува да претрпи длабоки промени во начинот на кој возилата се произведуваат и работат. Создаден во јануари по спојувањето помеѓу Fiat Chrysler и PSA Group, големиот производител на автомобили е, исто така, под притисок да се обложи на амбициозни намалувања на трошоците како дел од договорот.

Фокусот на Stellantis на приходите од софтверот и ажурирањата на услугите, како што се системи за навигација и поддршка, покажува како компјутерскиот код брзо станува следно бојно поле во автомобилската индустрија. До 2030 година, повеќе од една петтина од приходите од автомобилите ќе доаѓаат од софтвер, според проценките на консултантската компанија Capgemini SE.

Stellantis го потврди својот план да инвестира 30 милијарди евра до средината на деценијата во електрификација и софтвер.

Volkswagen формираше самостоен софтверски бизнис наречен Cariad за да ги фокусира своите напори во оваа област, иако претрпе голем број неуспеси при стартувањето. Ford регрутира ветеран на Tesla Inc. и Apple да ја поддржи дигитализацијата на американскиот концерн, додека одделот за истражување и развој на Toyota Motor Corp. подготвува оперативен систем со безжичниажурирања на софтвер.

„Навистина гледаме на софтверот како можност за раст, нешто што може да направи огромна разлика“, рече Бонефонт, додавајќи дека ажурирањата што може да се прават квартално ќе ги зголемат профитните маржи.

Договорот постигнат претходно оваа година помеѓу Stellantis и Foxconn ќе биде проширен на развој на четири фамилии на чипови за да се поедностави синџирот на снабдување. Во исто време, Stellantis и Waymo ќе почнат да работат на автономни комерцијални возила.

Партнерството со BMW датира од 2017 година, кога беше потпишан договор меѓу германската групација и Fiat Chrysler за развој на платформа за автономни возила. Двете компании ќе развијат една од трите архитектури претставени од Stellantis минатата недела.

Слични содржини