SVB Financial Group е првата банка која доживеа неуспех по 2008 година, а знаејќи дека истата е 16-та по ред рангирана банка во САД предизвикува интерес во јавноста. Имајќи во предвид дека оваа банка согласно стандардите на САД има третман на регионална банка која не е системски значајна, регулаторните органи одлучиле да не ја спасуваат и отвориле стечајна постапка, изјави во разговор за „Локално“ главниот финасиски директор и член на управниот одбор на Комерцијална банка, Маја Стевкова-Штериева за банкротот на Банката на Силиконската долина.
Посочува дека заклучно со декември 2022 година, банката имала исклучитело ризично кредитно портфолио во кое 56% од кредитите биле одобрени на друштва за управување со ризични фондови (venture capital) и приватни фондови (private equity) , што се практично необезбедени кредити , 24% биле кредити одобрени на технолошки и фармацевтски компании во развој, 9% во статапи во најраните фаза на развој, односно во рана и почетна фаза на стартап (early and growth stage startup) и минимално во други изложености.
-Истовремено голем дел од активата била во хартии од вредност со фиксни каматни стапки пониски од актуелните на пазарот, класифицирани во категоријата расположиви за продажба, кои задолжително се превреднуваат, и во услови на растечки каматни стапки тие генерираат нереализирани загуби. Во конкретниот случај истите биле продадени со загуба и се сметаат за катализарот на влошената состојба, оценува Стевкова-Штериева.
Според неа, склопот на вакви околности довеле до ситуација регулаторните органи да отворат стечајна постапка, која пак поради сеќавањата кај граѓаните на случувањата од кризата во 2007-2008 година предизвикува такво внимание, одлив на депозити и несигурност кон идните случувања во банкарскиот сектор.
-Може да се каже дека банката имала многу лабави процедури за управување со сите видови ризици, голема секторска концентрација, ниско ниво на осигурани депозити, како и недоволен капитал за ризичниот профил на банката, појаснува соговорничката и додава дека неуспехот на „SVB Financial Group“ не имплицира сериозни последици врз европскиот и нашиот банкарско/финансиски систем, првенствено бидејќи Европа нема директна изложеност кон оваа банка(потврдено и од претседателот на министрите за финансии во Еврозоната Paschal Donohoe), но фундаменталната разлика меѓу американскиот и европскиот банкарски систем е типот на стрес-тестовите кои во Европа се поригорозни за разлика од САД.
-Исто така во Европа не постои банка која е специјализирана во еден сектор, големите и средни банки се прилично диверзифицирани и банките во Европа секако купуваат државни обврзници кои можеби изгубиле од својата вредност поради раст на каматните стапки, но профитабилноста на банките е оправдана бидејќи профитите се од различни сектори, ризикот е дисперзиран, а за резултатите одговараат пред надлежните институции. Стрес-тестовите пак кои се спроведуваат во нашата земја (еднаш годишно) се засноваат на поконзервативни претпоставки од околностите во реалноста, па нема простор за било каква опасност од дисторзија на одлично поставениот и функционален банкарски сектор, истакнува Стевкова-Штериева.
Главниот финансиски директор во Комерцијална банка потенцира дека гледајќи ја брзата реакција на регулаторните органи на САД, како и изјавите на претседателот на САД, наведуваат на констатација дека системот на надзор и контрола на банкарскиот сектор во САД нема да дозволи повторување на случувањата од 2007-2008 година во обем и карактер кој би предизвикал системски пореметувања на најголемата економија во светот, чие влијание по инерција би предизвикало нова светска банкарско/финансиска криза.
-За верување е дека лекциите од пред повеќе од една деценија се научени во својата суштина и водењето на системот (од аспект на ризиците за негово функционирање) е на квалитативно повисоко ниво, порачува соговорничката.
Во однос на стабилноста на банкарскиот систем во земјата, таа информира дека нема простор за споредба на Банката на Силиконската долина со која било македонска банка.
-Имајќи ја во предвид поставеноста на банкарскиот систем во нашата земја, неговата висока капитализираност, ликвидноста која е соодветна, како и деловниот модел на функционирање (депозитната база на банките vs пласманите) и диверзифицираноста на истиот, како и нискиот степен на изложеност на македонските банки кон нерезиденти (ниска изложеност кон странски субјекти/вложувања во хартии од вредност издадени од нерезиденти), банкарскиот сектор во нашата земја нема место за споредба на која и да био македонска банка со споменатата банка во САД, а што се однесува до банкарскиот систем може да се каже дека во моментот е стабилен и во следниот период ќе продолжи во таа насока, одговарајќи соодветно на предизвиците, во интерес на сите граѓани, анализира Стевкова-Штериева.
Н.П.