Помошник на рускиот претседател Владимир Путин го извести американскиот амбасадор во Русија Џон Саливан за одговорот на Москва на новиот пакет санкции на САД, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
„Асистентот на претседателот на Русија, Јуриј Ушаков го покани американскиот амбасадор Џон Саливан на состанок и ги разјасни мерките што Русија ќе ги преземе како одговор на санкциите што САД ги објавија вчера“, рече Песков.
Портпаролот на Кремљ, сепак, не прецизираше какви се мерките, иако рече дека Москва ќе се води според принципот на реципроцитет во однос на односите со Вашингтон.
Песков исто така изјави дека новите американски ограничувања нема да ги олеснат напорите за организирање средба меѓу Путин и Бајден, што неодамна беше предложена од Белата куќа.
Да потсетиме, американската влада во четвртокот ги стави на црната листа руските компании, ги протера руските дипломати и им забрани на американските банки да купуваат државни обврзници од руската централна банка и Министерството за финансии.