Стиснете „like“ и напишете „учествувам“: Се шират наградни игри на познати брендови зад кои се кријат крадци на лични податоци

од Берта Китинска
279 прегледи

„Изненадување за денес ќе подариме 1000 – 5.000 евра на оние кои имаат среќа и кои ќе успеат да го одберат вистинскиот плик. Само 5 коверти со подароци. Изберете и пробајте ја вашата среќа“…..стои во една од многуте наградни игри кои се споделуваат на социјалните мрежи под лажни имиња на познати македонски компании.

-Во објавите се бара од граѓаните доколку сакаат да учествуваат во овие (лажни) наградни игри, да стиснат допаѓање „like“ на страната и на конкретната објава, во коментар да напишат „учествувам“, како и да извршат нејзино споделување, со цел што повеќе да се рашири лажната наградна игра,појаснуваат за „Локално“ од Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при Бирото за јавна безбедност на МВР.

Оттаму објаснуваат дека од креаторите на овие лажни наградни игри им се испраќа порака на граѓаните дека се добитници на награда и за подигање на истата потребно е тие да ги дадат своите лични податоци.

-Учесниците треба да испратат слика од нивната лична карта (од двете страни), како и фотографија од имателот на личната карта.До СВР Скопје, ЕЕКК, пристигнати се повеќе пријави од страна на измамени граѓани кои учествувале во лажни наградни игри организирани наводно од страна на повеќе познати брендови кои работат на територијата на РСМ. Притоа, со ваквите лажни објави се известуваат граѓаните дека поради одреден повод (роденден на компанијата и сл.) наводно се организира наградна игра, со разни подароци за среќните добитници, како на пример вредносни ваучери, мобилни телефони и слично, велат од МВР.

Oд Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика појаснуваат дека по пријава се превземаат соодветни мерки и активности во насока на откривање на сторителите на кривичното дело.

-Доколку пријавата против истите е поднесена од страна на правно лице, од страна на Единицата за економски и компјутерски криминал се постапува по основи на сомнение за сторено кривично дело – “Повреда на авторско право и сродно право“ по чл.157 ст.2 од КЗ за кое казните се од 6 месеци до 3 години затвор, а доколку, пак, пријавителот е физичко лице се постапува по кривично дело – “Злоупотреба на лични податоци“, чл.149 ст.2 за што казната се движи од парична казна па до една година затвор. По добивањето на пријавата во МВР, во СВР Скопје ЕЕКК од страна на оштетените граѓани или правни лица, полициските службеници превземаат соодветни мерки и активности во насока на откривање на сторителите на кривичното дело, така што првично се изготвува соодветен акт кој што се поднесува до ОЈО Скопје, со цел нивно навремено известување и запознавање и се продолжува понатаму со полициски извиди во насока на откривање на сторителите на кривичното дело, така што се пристапува кон утврдување на ИП адресите од кои ваквите објави се постираат или утврдувањето на корисникот на лажниот профил, посочуваат од МВР.

Надлежните апелираат до граѓаните дека треба да внимаваат и да не ги доставуваат своите лични податоци преку интернет на непознати лица без претходно да се распрашаат дали навистина постои таа наградна игра за што информацииите можат да ги добијат изворно од самите фирми чиј бренд е злоупотрребен а чии телефони се оставени за контакт на нивните оригинални веб страници.

-Во ваквите случаи на измама се користат техники на „phishing“ и „е pharming“ односно оваа измама опфаќа збир на активности од страна на неовластени испраќачи преку користење на лажни пораки (е пошта)- phishing или користење на лажни веб страници (е pharming) потоа користење на лажни профили на социјалните мрежи преку кои сторителите на ваквите незаконски дејствија од корисниците се обидуваат да обезбедат доверливи лични податоци како што се број на лична карта, број на трансакциска сметка, број на кредитни картички и сл. По ова сторителите истите тие податоци или лично ги злоупотребуваат за сторување на разни незаконски активности за остварување на противправна имотна корист за себе или друг или пак податоците ги продаваат на други зантересирани лица за одреден паричен надомест, велат од МВР.

Од Агенцијата за заштита на лични податоци потенцираат дека во Законот за заштита на личните податоци предвидени се прекршочни одредби со кои се утврдени глоби во случај на повреда на одредбите од овој закон додавајќи дека граѓаните треба да бидат исклучително внимателни при откривањето на своите лични податоци на интернет, затоа што постои зголемен ризик да бидат злоупотребени за други незаконски цели.

– Имајќи ја предвид природата, обемот, контекстот и целите на обработка на личните податоци, како и ризиците од различна веројатност и сериозност за правата и слободите на физичките лица, главната обврска на контролорот на лични податоци, кој врши одредена активност на обработка на лични податоци е да преземе технички и организациски мерки соодветни на ризикот на обработката за да обезбеди и да биде во можност да демонстрира дека обработката ја врши според прописите за заштита на личните податоци.Во Законот за заштита на личните податоци предвидени се прекршочни одредби со кои се утврдени глоби во случај на повреда на одредбите од овој закон, појаснуваат од институцијата.

Б.М.

Слични содржини