Стивен Тајлер обвинет за сексуално злоставување на малолетничка

од Stefanija Kuzmanovska

Пејачот на Aerosmith Стивен Тајлер е обвинет за сексуална злоупотреба и експлоатација и намерно нанесување душевна болка на малолетничка со која имал интимни односи во 70-тите години на минатиот век, пишува американскиот магазин Rolling Stone.

Денес, 65-годишната Џулија Мисли поднесе тужба во судот во Лос Анџелес против неименуван 74-годишен пејач, а ја искористи можноста да го покрене овој процес бидејќи Калифорнија привремено, до крајот на оваа календарска година, ја укина застареноста за случаите на сексуална злоупотреба, во кои жртви се малолетници.

Rolling Stone доби копија од тужбата, во која не се спомнува Тајлер по име, но наводите се конзистентни со наводите на пејачот на Aerosmith во неговите мемоари од 2011 година, „Дали ве мачи галамата во мојата глава?“, во кои се споменува врска со неименувано 16-годишно девојче.

Во тужбата се наведува дека во 1973 година, 16-годишната Џулија Холкомб го запознала 25-годишниот музичар по концерт. Ја поканил во својот хотел и „извршил неколку незаконски сексуални дејствија“ врз неа. Нивната врска потоа продолжила. Младата девојка „немала средства да се спротистави на неговата моќ, слава и дарежливи финансиски средства“, особено што музичарот ја убедил дека се работи за „љубовна приказна“, напишале адвокатите.

Тајлер, според сопственото признание во објавените мемоари, успеал да го добие старателството над неа од мајката на девојчето во 1974 година, ветувајќи ѝ дека ќе се грижи за нејзината благосостојба и образование, но продолжил сексуално да ја искористува.

„Иако имаше 16 години, можеше да биде злобна… Беше толку секси што се вљубив… ги потпишаа документите и ми го доверија старателството за да не можам да бидам уапсен кога ги преминавме државните граници“, напиша Тајлер во својата биографија.

Младата девојка ги напуштила пејачот и музичката индустрија откако Тајлер ја принудил да абортира во 1975 година.

Холкомб потоа се свртела кон нејзината вера и го „чуваше својот срам“ скриен од јавноста. Но, сè се промени кога Тајлер ја објави својата биографија, а таблоидите го открија нејзиниот идентитет, што „го преврте целиот свет наопаку“. Поради ова откритие, таа мораше да им открие тајна од своето минато на членовите на семејството.

Стивен Тајлер допрва треба јавно да одговори на вестите за оваа тужба.

Слични содржини