Единаесетмина мажи се обвинети за групно силување и убиство откако 23-годишната стјуардеса Кристина Анџелика Дасера, која беше пронајдена мртва во када во хотел на Филипините.
Според „Дејли меил“, Дасера пристигнала со своите колеги во луксузниот хотел „Сити гарден“ во градот Макати минатата недела за да ја прослави Новата година. Ден по прославата, нејзиниот колега Ромел Галида се разбудил околу 10 часот и ја видел како лежи во кадата. Мислејќи дека спие, тој ја покрил со ќебе и се вратил на спиење.
Кога Галида се разбудил по неколку часа, видел дека девојката е без свест и дека е поплавена. Тој повикал брза помош и ѝ дал вештачко дишење на колешката, но таа не реагирала. Брзата помош ја однела во болницата во Макати, но лекарите не можеле да ѝ помогнат и констатирале дека е мртва.
Истражителите во моментов чекаат на обдукцијата, но велат дека нашле модринки и посекотини на бутовите и колената на Дасера. Тие исто така рекоа дека има индиции дека била жртва на сексуално насилство.
Локалните медиуми пишуваат дека полицијата обвинила 11 мажи кои престојувале во хотелските соби кои биле веднаш до нејзините за силување и убиство. Шефот на полициската администрација на градот Макати, Харолд Депозитар изјави дека обвинувањата се привремени затоа што се чекаат наодите за обдукцијата.
Тројца обвинети мажи веќе ѝ се предале на полицијата, а осуммина се уште се на слобода.
Истрагата за овој случај е сè уште во тек.