Закани по животот на децата на Мицкоски во ситуација кога тој посочува на притисоци, МВР на Оливер Спасовски молчи, невладините оние до владата никаде ги нема. СДС се исплашени и нервозни, губат поддршка кај јавноста, притиснати од скандали применуваат кон закани и заплашувања, изјави портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски, одговарајќи на новинарско прашање за наводни закани упатени до претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Стоилковски потенцира дека заканите ниту ќе го исплашат ВМРО-ДПМНЕ, ниту ќе го замолкнат, а уште помалку ќе го поколебаат.
– Закани кон лидер на опозицијата и неговото семејство се недозволиви. МВР мора да реагира, Оливер Спасовски не смее да се сокрива како и досега во случаи на закани, а гласност бараме и од граѓанските организации коишто беа гласни за правото и правдата и борбата со криминалот и насилството. Ова мора да има крај, истакна Стоилковски.