Али Ахмети кажува дека со претседателот Мицкоски пред една година договорил предвремени избори, но не ја кажува вистината за средбата во мојата канцеларија, каде нудеше влез во Владата, без да бара претседателско место во Собранието и со прифаќање едно министерско место помалку од тоа што го бараше Влен, само да биде дел од истата оваа влада, порача пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Дафина Стојаноска.
Пратеничката укажува дека како партија останале истрајни во она што била порака од народот – дека ДУИ мора да оди во опозиција.
-Друг пат, пред да кажува невистини, нека размисли добро и нека биде подготвен дека ние ќе кажуваме вистини. Прашањето е дали ваквите изјави служат за да се спречи ерозијата во сопственото членство и кај досегашните нивни поддржувачи, соопшти Стојаноска.
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети пред два дена во дебатна емисија изјави дека уште пред околу една година имал средба со премиерот Христијан Мицкоски на која било договорено заедно со локалните да има и парламентарни избори. Сепак, како што вели Ахмети, Мицкоски го сменил ставот. Тоа било договорено на првата средба, а потоа на втората како што изјави Ахмети, од страна на ВМРО-ДПМНЕ биле презентирани две опции, кои тој не ги прифатил. Овие средби биле одржани пред актуелната власт да наполни 100 дена владеење.