Стојаноски: СДСМ нема да гласа буџети за проекти што поттикнуваат поделби

од Илинка Илиоска
21 прегледи

„СДСМ нема да поддржи етнички поделби во науката и категорично ќе се спротивстави на идеите кои ги промовираат и ги туркаат коалициските партнери во власта на чело со „Вреди“. Категорично сме против формирање на паралелна Академија за науки и уметности затоа што тоа значи етнизација на науката и создавање етнички институции, нема сто институции за сите граѓани. Она што го промовира „Вреди“ служи единствено на намерите за поттикнување на поделби кои носат огромна штета за граѓаните и нашето мултиетничко општеството“, изјави денеска на прес-конференција советникот во Општина Тетово од редовите на СДСМ, Глигорије Стојаноски. Тој најави дека заедно со неговиот колега-советник од опозициската партија, нема да гласа за буџетот на општината за 2025 година.

„Оваа идеја недвосмислено беше и претходно отфрлена од актуелните академици од причина што МАНУ е и треба да остане институција во која членуваат реномирани научници од сите етнички заедници. Науката ниту треба да се партизира ниту да се етнизира и злоупотребува во дневно политички цели и потреби. СДСМ нема да поддржи никаков паралелизам во институциите и со сите расположливи механизми ќе се спротистави во општините кои најавуваат дека имаат намера да го финансираат овој проект со пари на граѓаните. Општините се на сите граѓани, буџетот е од сите граѓани и треба да биде за сите граѓани, да се инвестира во решавање на проблемите а не во создавање поделби и тензии. Најавуваме дека советниците на СДСМ во овие општини нема да го поддржат Буџетот за наредната 2025 година. Ги повикуваме и останатите политички партии да се приклучат, особено советниците од ВМРО-ДПМНЕ“, рече Стојаноски.

Слични содржини