Стојановска за екоцидот во Крива Река: Изјавите од типот дека цијанидите брзо испаруваат не се сосема точни – напротив истите можат да влезат во реакција и создадат талог

Молкот и нетранспарентноста создаваат немир и голем сомнеж: Оправдана е загриженоста по екоцидот во Крива Река

од Nikola Popovski
128 прегледи

Поминаа 18 дена од хаваријата во Тораница, а граѓаните сè уште не знаат дали водата и храната се безбедни. Цијанидот во Крива Река можеби се разредува, но молкот на институциите останува цврст. За дел од екологистите и еко-активистите, молкот и нетранспарентноста на ДИЖС и МЖСПП создаваат само немир и голем сомнеж во состојбата на терен. Според Татјана Стојановска кој исто така е дел од независната „О2 иницијатива“ наместо да излезат со конкретно утврдени вредности на загадувањето во Крива Река кое евидентно постои и е нотирано со анализата на акредитираната лабораторија Технолаб, надлежните си дозволуваат паушални изјави за тоа на што се должи загадувањето на Крива Река.

-Релевантни податоци не се објавени, а по 18 дена молк, вчера, со огласувањето на субјектот кој општината го посочи како можен виновник, се создаде уште поголема забуна што точно се случува, колку е загадена Тораничка река, колку Крива река. Сѐ тоа се должи на комплетната неефикасност и лоша координираност на ДИЖС, кој ниту еден момент не излезе со информација за загаденоста заснована на мостри обезбедени на самиот ден на инцидентот, од двете реки, за да можеме сега да дискутираме колкаво и од каде е загадувањето на Крива река, истакнува Стојановска во изјава за „Локално“.

Татјана Стојановска

Според неа, загадувањето со олово и цијанид со големи вредности секако делува негативно на животната средина.

-Изјави од вид дека цијанидите брзо испаруваат не се сосема точни, напротив , истите можат да влезат во реакција и создадат талог. За да се утврди колку посочените резултати се опасни за еко системот сметам дека е неопходна експертиза од луѓе и институции надлежни за тоа. И токму затоа уште повеќе зачудува постапката на инспекторите од ДИЖС кои во своите изјави за јавноста овие 18 дена не излегоа со конкретни податоци туку само со информации по видување и разговор со субјектот каде настана инцидентот. Независно, дури и да нема индиции дека загадувањето потекнува од овој инцидент, по допрен глас, инспекторите мораа да реагираат на фактичката состојба со Крива река што ме носи и до одговор на прашањето дека загриженоста на граѓаните е секако оправдана и мора да се даде транспарентен одговор зошто е Крива река со такво установено загадување, истакнува соговорничката.

Да не се лажеме, додава Стојановска, вредностите кои градоначалникот на Крива Паланка ги посочи за оловото и другите токсични материи ќе имаат или веќе имаат огромно влијание во уништување и на живиот свет во околината, како и на културите кои во тој дел се одгледуваат.

-Ниту во извештајот кој ДИЖС го објави , ниту во решението не стои дека дале итно налог за земање мостра и испитување. Ја имаме само изјавата на субјектот , и тоа по 18 дена, дека мостра е земена заедно со инспекторот. Тоа само води до уште поголема загриженост за постоење на една координирана акција на сторителот и тој што требал да контролира. Недовербата која постоеше, со ова уште повеќе се продлабочува и загриженоста кај граѓаните е сосема оправдана, оценува екоактивистката.

Казна од 200 илјади евра доби правниот субјект, десет илјади евра одговорното лице, по хаваријата којашто се случи во рудникот за олово и цинк Тораница, кривопаланечко. Во Крива Река регистрирано е присуство на тешки метали, олово, арсен, цијанид, кои се закана по здравјето на граѓаните, а долготрајни последици и штети по земјоделските поседи. Министерството за животна средина и инспекторатот информираа дека се извршени вонредни надзори.

Првичните укажувања од правното лице биле дека пукнала цевка преку која се доведува техничка вода, која не содржи хемиски средства, и е само заматена. Дефектот бил саниран а истекувањето сопрено.

„Секој што ќе ја загрози животната средина ќе се соочи со санкции, без исклучок. Инспекциските контроли ќе продолжат со засилено темпо, а министерството ќе инсистира на целосна транспарентност и одговорност“, велат во соопштението од Министерството.

Првиот човек на Крива Паланка побара обвинителството да покрена итна постапка. Обвини за пропусти во вонредните надзори.

„Според ова лабораториско истражување концентрацијата на олово во Крива Река е зголемена за неверојатни десетпати повеќе, дополнително за неколку стотици е зголемена концентрацијата на цијанид, фосфор и азот. Како резултат на ова загрозување од страна на концесионерот загрозен е животот и здравјето на луѓето по текот на реките, но загрозена е и флората и фауната. Загрозена е и почвата по текот на овие две реки и Пчиња“, истакна градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски.

Хаваријата во рудникот се случи на 14-ти март. Загриженоста се јави откако реката доби заматување и сива боја. Во моментов се вршат анализи за исправноста на градскиот водовод. Според првичните информации водата не би требало да биде опасна по здравјето на луѓето.

Н.П.

Слични содржини