Стојановски: Охридскиот маратон ќе се одржи на 10 септемрви, останува да се реши блокираната сметка на Пливачката федерација

од Vladimir Zorba
904 прегледи

По многу анализи и премерувања на новонастанатите услови, Националната пливачка федерација и охридската локална самоуправа одлучија маратонот во Охрид да се одржи на 10 септември.

Во ситуација кога се потребни „натчовечки“ напори за професионално организирање на оваа манифестација во исклучително кус период, првиот човек на Националната пливачка федерација, Горан Стојановски за „Локално“, ги обелоденува сите активности што се превземаат од нив, како единствена организација која може професионално да организира натпревар од ваков тип.

Надежите се големи, бидејќи се очекува учество на врвни пливачки имиња.

„Ги користиме приватните контакти на нашите најуспешни маратонски пливачи, Томи Стефановски и Евгениј Поп Ацев, да го поканиме маратонскиот крем. Работите не одат лесно, бидејќи пливачите имаат веќе договорени агенди, но очекуваме нашата покана да ја прифатат барем 10-20 пливачи“, вели Стојановски.

Она што останува да се реши како најгорлив проблем, а со што ќе се отстранат сите понатамошни евентуални пречки во организирањето на оваа маратонска трка и на други слични натпревари, е блокираната сметка и подмирување на долгот од речиси седум милиони денари.

„Се надевам дека по сите перипетии околу одржувањето на маратонот, сите ја научија лекцијата, а тоа е дека без функционална сметка на Федерацијата, ќе продолжи долгогодишната агонија во пливањето и дека ова што ни се случува сега со охридскиот маратон и со сите други натпревари под капата на Федерацијата, не смее да ни се повтори“,дециден е Стојановски.

Во оваа насока забележува дека оние што декларативно се грижат за спортот а со тоа и за пливањето веќе десетина години најавуваат нови базени, но децата се уште пливаат по 10-15 во една стаза. Со оглед на енергетската криза и трошоците за загревање на базените, Стојановски стравува дека од есен повторно ќе се соочиме со затворени базени а пливачите ќе пливаат „на суво“.

Во ситуација кога бурата реакции во однос на охридскиот пливачки маратон се уште не стивнува, се наметнуваат многу прашања, но веројатно основното е зошто како општество, како држава покажуваме толку малку почит кон манифестации кои безмалку ја дефинираат нашата традиција?

-Навистина ќе беше штета да се прекине традицијата и пливачкиот маратон во Охрид да не се одржи особено затоа што станува збор за манифестација која има огромно значење за македонскиот спорт и настан за кој се говори во Европа и светот. Националната пливачка федерација прва го вклучи алармот дека времето за организација на маратонот истекува и дека нејзината сметка со години е блокирана. Ставот на сите инволвирани во работните тела беше и остана дека пливачкиот маратон треба и мора да се одржи како неколку децениска традиција, како еден од престижните натпревари во светски рамки и најважно како трка која оваа година слави 60 год.јубилеј. По сите реакции во јавноста, договори и разговори со надлежните, задоволни сме што и годинава ќе има маратонска трка. Со сето свое професионално знаење и искуство, Националната пливачка федерација работи на тоа маратонот и оваа година да биде организиран во најпозитивна смисла а не да биде настан кој ќе биде мегдан за дневно политички препукувања и да се доведе во прашање неговото одржување. За тоа дали и зошто државата не демонстрира почит кон оваа деценска традиција, одговорот треба да се бара на друго место.

Превземањето на челната позиција во пливачката федерација без денар на нејзината сметка  за Вас секако претпоставувало соочување со многу предизвици, но дали очекувавте дека ситуацијата ќе кулминира токму кај овој маратон?

-Ова раководство официјално е на функција од 07.02.2022 г. и истото не затекна празна каса туку каса во минус од најмалку седум милиони денари долг кон доверители, настанат во изминатите неколку години. Ова претставуваше предизвик за сите нас, со помош на Агенцијата за млади и спорт како единствен “финансиер” на Федерацијата, да стигнеме до одблокирање на нејзината сметка која не е во функција десетина години. Од тогаш до денеска, секој ден, секоја недела и месец, Федерацијата работи “на мускули”. Никој не се почуствува повикан да помогне кога Федерацијата како единствената спортска организација остана без пари од вредносниот ваучер, пари што се исплаќаат како даночно ослободување на фирмите со пријавена добивка. Агенцијата за млади и спорт не ги одобри ваучерите и така пливачите, клубовите и Федерацијата останаа без единствениот извор на средства со кои може да функционира. На сите наши апели и официјални обраќања, одговорот од таму беше дека претходниот претседател во заминување Александар Маленко, не сакал да ги потпише барањата доставени од пливачите и клубовите, и тоа за Агенцијата било доволна причина да го “помножи со нула” македонското пливање. Федерацијата нема пари, но календарот за закажани натпревари е густ и не трпи никакви одлагања. Само ние членовите на Федерацијата, тренерите и пливачите, знаеме како без пари се учествува на Светско првенство во Будимпешта, на Европско првенство во Букурешт, Комен Куп во Лимасол, како се одрганизира државно првенство во Охрид, како без соодветна опрема ( распар маици и тренерки, патики и ранчиња од дома) пливачите  и нивните тренери ја претставуваат својата држава меѓу елитата во пливањето.

Образложението од Агенцијата секогаш беше дека средства на блокирана сметка не може да се префрлат и така го запреа процесот на деблокада. Да бидам искрен, се надевавме дека токму охридскиот маратон како настан од национален интерес, ќе ја поттикне Агенцијата посериозно да се зафати со нашиот проблем, но напротив уште еднаш го добивме веќе познатиот одговор. На состанокот одржан на мое барање, во Кабинетот на претседателот на државата, на 05.08.2022 г.на кој присуствуваа членови на кабинетот на Пендаровски, членови на Националната пливачка федерација и директорот на Агенцијата за млади и спорт, Наумче Мојсовски, беше децидно кажано дека Агенцијата може да обезбеди само хотелско сместување за учесниците но пари да се бараат од спонзори. И покрај роковите што беа дадени за изнаоѓање на финансиски средства за организација на маратонот и кусото време потребно за покана на учесниците, позитивен одговор немаше од ниту една страна.

Ситуацијата „зовре“, дури откако јавноста  почна бесно да регира поради ноншалантноста на централната и на локалната власт, па оттука и дилемата дали доколку истата таа јавност не истапи како коректор ќе дојдеше до какво било помрднување на работите?

-Нашето навремено известување и залагање, како и постојаните апели до Агенцијата, локалната самоуправа и претседателот сите ги остави неми. Благодарение на социјалните мрежи, од една страна видовме колку луѓето го сакаат охридскиот маратон, а од друга, дека вжештените коментари ги разбудија сите три институции. Но се чини дека Федерацијата повторно ја заборавија. Блокираната сметка веќе никој не ја споменува, туку се расфрлаат бројки кој колку ќе обезбеди за организирање на натпреварот и кој ќе ја понесе титулата “спасител” на маратонот. Спасител може и ќе се најде но сигурен губитник со блокирана сметка, не треба да остане Федерацијата. Се надеваме дека вревата “ги разбуди” надлежните институции и дека по сите перипетии околу одржувањето на маратонот, сите ја научија лекцијата а тоа е дека без функционална сметка на Федерацијата, ќе продолжи долгогодишната агонија во пливањето и дека ова што ни се случува сега со охридскиот маратон и со сите други натпревари под капата на Федерацијата, не смее да ни се повтори. Пари има во годишната програма на Федерацијата но мора државата да се зафати и да најде правен механизам за решавање на овој проблем.

И централните и локалните институции подеднакво гласно искажаа огромна подготвеност да помогнат со партиципирање во организацијата на маратонот. Веќе го одржавте првиот состанок со локалната самоуправа во Охрид, па како течат подготовките, каква ќе биде улогата на Федерацијата во целиот овој процес?

-Федерацијата е единствена организација која може професионално да организира натпревар од ваков тип, со сета своја стручност и екипираност како што беше случајот и во изминативе години. Тука мислам на членовите на одборите, Илија Стојановски претседател на далечинско пливање, нашите најистакнати маратонци Томи Стефановски и Евгениј Поп Ацев како главна алка во далечинските натпревари, Васил Велков и Радован Вељановски, официјалните ФИНА судии за  отворени води-далечинско пливање. Со ваков тим, Националната пливачка федерација и оваа година ќе биде дел од организацијата на маратонот, а технички организатор ќе биде пливачкиот клуб “Охридски бранови”. Вчера во општината го одржавме првиот заеднички состанок. Согласно правилата за одржување натпревар во далечинско пливање, Федерација ги презема своите надлежности во делот на обезбедување лиценцирани судии и доставување на официјална покана за учество на маратонот.  Утврден е наградниот фонд од  10 000 долари за најдобро пласираните пливачи во машка и женска конкуренција, за учесниците од Европа ќе биде обезбеден транспорт-авионска карта до и од Охрид, а за учесниците од соседството, ќе им бидат рефундирани средства за патни трошоци. Следуваат активности кои се поврзани со поставување (трасирање) на стазата “Климе Савин”, утврдување на мерни точки и најважно од се мерки за безбедност на пливачите. Датата на одржување сега веќе е конечна, наместо последната недела во август, охридскиот маратон ќе се одржи на 10 септември, во сабота. Сите останати детали, а ќе ги има многу,  ќе се решаваат во деновите до тогаш .

Брзо одминуваат деновите до терминот кога официјално треба да стартува маратонот. Дали „се потопуваат“ надежите дека некое од пливачките имиња ќе се согласи да дојде во Охрид со покана која е буквално во „пет до 12“?

-Ситуација „пет до 12“ немаше да ја има, доколку се најдеше решение уште на почетокот на август. Но сега ситуацијата е “12 и пет”. Роковите се куси но правиме натчовечки напори како Федерација. Ги користиме приватните контакти на нашите најуспешни маратонски пливачи, Томи Стефановски и Евгениј Поп Ацев, да го поканиме маратонскиот крем. Работите не одат лесно, бидејќи пливачите имаат веќе договорена агенда за учество на Европско првенство кое се одржува во Рим и маратон Капри- Наполи, само еден викенд пред охридскиот. Очекуваме нашата покана да ја прифатат барем 10-20 пливачи, имаме начелен одговор од неколкумина а  со сигурност ќе учествуваат нашите најдобри пливачи-маратонци Евгениј Поп Ацев и Александар Илиевски. Потенцијалните пливачи се веќе известени за условите што се нудат за учество на маратонот па во следниве денови би требало да почнеме да ја испишуваме листата на учесници.

Ако е  Охридскиот маратон симбол на нашиот однос кон манифестации од од овој тип, се поставува прашањето каков е тогаш став кон пливањето воопшто? Дали лично верувате дека пливањето може да стане спорт за почит?

-Пливањето е спорт за почит, пливачите се и тоа како спортисти за почит, но оние кои треба да се грижат за спортот воопшто, очигледно се уште не се издигнати на тоа ниво. Да не заборавиме дека тие што декларативно се грижат за спортот а со тоа и за пливањето, веќе десетина години најавуваат нови базени, но децата се уште пливаат по 10-15 во една стаза. Дополнително се заложници на приватни концесионери на базените кои пливачите ги гледаат само како извор на членарини и влезници во базените. Најважно за Федерацијата е да видиме добар спортски резултат на некој од нашите репрезентативци но резултат без пари не бива. Штом ќе се покрие долгот, функционирањето на Федерацијата ќе биде полесно а со тоа и очекувањата за добри резултати ќе бидат основани, базирани на квалитетни припреми на пливачите и да се надеваме со конкурентно учество на европски и светски натпревари.Кога тоа ќе го постигнеме ќе можеме да кажеме дека сме ја оствариле целта и мисијата за која Федерацијата постои.

Наследивте празни сметки, злоупотреби во работењето од страна на поранешните раководства но и голем број разочарани деца кои и покрај огромната желба и напор не успеваа да напредуваат и да ги добијат  заслужените признанија. Кој ги осудува пливачите од старт на неуспех и “пливање на суво во Македонија’’?

-Не можам да именувам, но очигледно дека секое претходно раководство, во последниве 15 години сноси дел од вината за ваквата состојба во македонското пливање. Пливачите оваа година во вистинска смисла на зборот “пливаа на суво” бидејќи беа затворени сите три базени во државата(еден во Куманово и два во Скопје). И во таа ситуација, благодарејќи на социјалните мрежи, издејствувавме побрзо отворање на еден од нив. Со оглед на енергетската криза и трошоците за загревање на базените, искрено се плашам дека пливачите ги очекува уште една “ сува” зима.

За работењето на поранешното раководство поднесовте пријави до Финасовата полиција и до Антикорупциската комисија. Дали можеби имате одредени сознанија за тоа до каде се работите, и воопшто дали евентуалното расчистување со претходниот криминал ќе претпостави надеж за конечно придвижување на работите во пливачкиот спорт?

-Првите „честитки“ новото раководство во Федерацијата ги доби од доверителите. Се редеа неплатени фактури од типот на хотелски сместувања,  одржани семинари, печатење и набавка на маици, направени ПЦР тестови за пливачи и непливачи, …Поднесовме претставки до Финансовата полиција и до Антикоруоциската комисија , се подготвува и до ОЈО, се во надеж дека нема да чекаме со години за да се утврди кој ја доведе Националната пливачка федерација до ова дереџе.

К.В.С.

Слични содржини