Стојановски: Во борбата со лажни вести треба да се користат сите законски процедури кои се на располагање, како и механизмите на социјалните мрежи

од Берта Китинска
569 прегледи

„Македонска кучка“, „Гасна комора за шиптарите“, „Да се набијат на колец сите педери“……се само дел од фразите кои секојдневно може да се прочитаат во коментарите и објави на социјалните мрежи.

Токму овие медиуми често се злоупотребени од оние кои сакаат да ги користат за омаловажување, навреда и силеџиство.

Многу луѓе не прават разлика меѓу поимот говор на омраза

Многу луѓе не прават разлика меѓу поимот говор на омраза во рамки на правниот систем, наспроти било какви содржини кои кај нив поттикнуваат негативни чувства или може да се сфатат како навредливи. Овој тип информации не се дел од формалниот образовен систем ниту во основно, ниту во средно, ниту на факултетско ниво – со исклучок на правниците. Токму затоа и граѓанските организации како „Метаморфозис“ веќе со години преку неформално образование настојуваат да ја пополнат таа празнина, вели Филип Стојановски, директор за партнерства и развој на ресурси од фондација за интернет и општество „Метаморфозис“ .

Тој вели дека фондацијата „Метаморфозис“ веќе десетина години работи на едукација на јавноста во врска со слободата на изразување – чиј антипод е говорот на омраза, и тоа со особен акцент на зајакнување на капацитетите на граѓанските организации и медиумите.

– Говорот на омраза е кривично дело чија крајна цел е да се овозможат други кривични дела – геноцид и војна, што најдобро може да се види од историјата на подемот на нацизмот што довело до една од најголемите катастрофи во историјата – Втората светска војна, со невидено до тогаш уништување и изгубени десетици милиони животи. Во суштината на говорот на омраза е повикување да се уништат други човечки суштества затоа што припаѓаат на некоја група, при што оние што треба да ги снема се прогласуваат за нелуѓе, односно се дехуманизираат, преку разни техники како демонизација (прогласување за ѓаволи, сатани…), сведување на ниво на брутални животни – на пример во Руанда идните жртви биле прогласувани за инсекти – лебарки. Постојат и посуптилни методи, но сите се сведуваат на тоа одредени човечки суштества да се прогласат за штетници за потоа да се оправда нивното отстранување со убивање или етничко чистење. Таквите практики во нашето најблиско соседство во текот на 1990 тите години доведоа до смрт на стотици илјади луѓе, раселување на милиони, објаснува Стојановски.

Тој напоменува дека говорот на омраза е директен напад на достоинството на сите луѓе, и дека без разлика дали сме директна цел на напади, или пак сме сведоци, не треба да дозволиме да помине без реакција.

-Во таа борба е важно да се користат сите законски процедури кои ни се на располагање, како и механизмите на социјалните мрежи. Понекогаш недостатокот од одговор или несоодветен одговор од надлежните доведува до разочарување, но доколку повеќе луѓе ги користат тие методи и бараат отчет, верувам дека ќе дојде до придвижување на работите во позитивна насока, вели Стојановски.

Како успешен пример тој го посочи притисокот од страна на граѓанската иницијатива која го извршила врз „Фејсбук“ во однос на негирањето на Холокаустот како форма на говор на омраза.

-Граѓанската иницијатива од 2020 година која придонесе „Фејсбук“, компанија која под притисок на граѓански организации како дел од својата работна дефиниција на говор на омраза го додаде негирањето на Холокаустот како форма на говор на омраза, што е предулов за отстранување на такви отворени или прикриени неонацистички материјали од платформата, објаснува тој.

Криминална злоупотреба на идентитетот

Во случај на криминална злоупотреба на идентитетот, нашите сограѓани треба да поднесат пријава до Одделот за компјутерски криминал на МВР преку истите канали како пријавување кривично дело говор на омраза на интернет. Тие исто така имаат можност да поднесат пријава до Агенцијата за заштита на лични податоци, која при тоа може да покрене постапка да утврди дали е прекршен Законот за заштита на лични податоци. Информации за овие постапки се достапни на веб-сајтот на агенцијата dzlp.mk каде што има и упатства и опции за директен контакт, вели Стојановски.

Тој напоменува дека овие државни органи во минатото имаат изјавувано дека во такви случаи преку механизмите за меѓународна правна помош може да покренат постапки со платформите за социјалните мрежи и дека корисниците може на самите социјални мрежи исто така да пријават разни типови злоупотреби, кои се разликуваат од платформа до платформа.

Ширењето говор на омраза е кривично дело

Според Кривичниот законик на Република Северна Македонија, ширењето говор на омраза е кривично дело за кое следува казна од 1 до 10 години затвор, во зависност од последиците. Податоци за тоа колку пати ова кривично дело било пријавено во МВР, колку од тие пријави се проследени до обвинителствата и за колку се покренати истраги и судски постапки тие институции немаат објавено до сега. Според информации од Хелсиншкиот комитет за човекови права, во текот на последните години имало само една судска пресуда со која некој бил осуден за говор на омраза, велат од „Метаморфозис“ .

Оттаму велат дека недостатокот на примена на законски санкции од надлежните институции, е еден од факторите заради кој однесувањето кое одговара на законските дефиниции за говор на омраза е широко распространето и на социјалните мрежи, во дел од медиумите, како и на нашите улици, од графити до вербални напади и на јавни настани.

-Во круговите на граѓански организации кои се залагаат за заштита на човековите права во моментов нема иницијативи за промени на Кривичниот законик во оваа област. Нашиот Кривичен законик е усогласен со стандардите на Советот на Европа и Европскиот суд за човекови права, кој е највисока инстанца и во нашиот правен систем.

Она што е горливо прашање не е промена на законот, туку недостатокот на примена. Непостапувањето на институциите во рамки на нивната надлежност овозможува неказнивост, што ги охрабрува осомничените починители да продолжат со нови кривични дела од типот говор на омраза, објаснуваат од здружението.

Две опции за пријава за ширење говор на омраза

Првиот е преку користење на механизмот понуден од самата платформа (на пример на Фејсбук на секој пост има мени претставено со три точки кое потоа нуди опција „Find support or report post“ и таму може да се одбере „hate speech“) при што одговорот за понатамошна постапка ќе зависи од одлуката на тимот на таа компанија.

Втората тип опции е барање заштита од институциите на системот на Република Северна Македонија и тоа преку законската процедура за пријава до Оддел за компјутерски криминал при МВР.

Според процедурата граѓаните може да пријават пријават во полиција, односно во најблиската полициска станица, преку телефонот 192 или со праќање е-пошта до Одделението за компјутерски криминал по е-пошта [email protected]. Потоа МВР комуницира со Јавното обвинителство и обвинителите одлучуваат дали ќе покренат официјална истрага и други постапки според закон.

Нема јавно достапни податоци за сите такви случаи и како постапиле институциите

Генерално, нема јавно достапни податоци за сите такви случаи и како постапиле институциите. Она што очевидно е дека на голем број поднесени пријави не е одговорено со истрага и судски процеси, така што голем број лица што би биле осомничени за такви кривични дела продолжуваат со таа практика, велат од здружението.

Од „Метаморфозис“ велат дека досега имаат поднесено четири кривични пријави

-Како конкретен пример може да ја посочиме пропагандната кампања против концептот на проверка на факти и Фондацијата „Метаморфозис“ која од 12 ноември ја поведе група медиуми и мрежи на тролови поврзани со политички партии кои во неодамнешниот извештај на Европскиот Парламент беа посочени како извори на дезинформации.

Дел од оваа кампања, покрај медиумски линч со клевети и директни закани против новинари и други вработени во фондацијата, опфаќа и говор на омраза. Кампањата трае веќе два месеци и ескалира до ниво да се објавуваат прецизни упатства за вршење напади, меѓу другото и полевање бензин на влезните врати на домовите на луѓето кои се ставаат на јавни црни списоци за отстрел, кои се дистрибуираат во форма на фотографии.

До сега беа поднесени четири кривични пријави и доколку државните инситуции постапеа по нив сигурно ќе беа спречени првобитните починители и обесхрабрени нивните следбеници, објаснуваат од „Метаморфозис“ .

Секојдневно пристигнуваат пријави за говор на омраза

Од министерството за внатрешни работи информираат дека секојдневно кај нив пристигнуваат пријави за говор на омраза.

До Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при МВР на Р.Северна Македонија секојдневно пристигнуваат пријави за говор на омраза, загрозување на сигурноста по пат на информатички систем, како и кривични дела од областа на компјутерскиот криминал кои се предвидени во Кривичниот Законик на Р.Северна Македонија. Исто така, Секторот за компјутерски криминал нема овластување за бришење на профили од социјалните мрежи, а во врска со добиените пријави Секторот за компјутерски криминал постапува согласно Законот за кривична постапка и по секоја добиена пријава го известува надлежниот јавен обвинител и постапува по добиени насоки од страна на истиот, велат од МВР.

Б.М

Слични содржини