Во Унијата веќе подолго време има бојкот и блокади на Унгарија. Тоа е поврзано со односот на државата кон самата ЕУ и споделените вредности, како и со квалитетот на демократијата и владеењето на правото во неа. Заедничката надворешна политика на Унијата е токму како што вели името, заедничка. За оваа политика Унијата има и институционален систем, преку Високиот претставник и потпретседател на комисијата. Во овој момент Висок претставник и потпретседател е Жозеп Борел, а не Виктор Орбан, вели во разговор за „Локално“, извршниот директор на Преспа Институтот, Андреја Стојковски за најавениот бојкот на највисоките претставници на ЕУ на неформалните состаноци организирани од Унгарија за време на претседавањето на земјата со ЕУ, откако унгарскиот премиер одржа серија состаноци со странските лидери за војната во Украина што ги налути европските партнери.
Оттаму, додава Стојковски, овој бојкот или искажување на незадоволство е оправдан, секако и сосема разбирлив, бидејќи во шестмесечното претседавање не му дава на Орбан таков мандат.
Соговорникот истакнува дека освен Унгарија, нема друга држава членка која изразува такво несогласување со политиката на Унијата во однос на Украина. Оттаму, вели Стојковски, пристрасност можеме да идентификуваме и во одлуките на владата на Орбан.
Аналитичарот потсетува на квалитетот на демократијата и владеењето на правото во Унгарија и на тоа колку авторитарните лидери како Путин му одговараат на Орбан и неговиот начин на водење на државата.
-Членството во ЕУ и во НАТО подразбира солидарност со останатите членови, прифаќање и почитување на одлуките кои ги носи мнозинството и секако почитување и заштита на заедничките вредности. Не можете да барате само полза во користењето на фондовите, а да ги избегнувате овие обврски, посочува Стојковски, дополнувајќи дека Унгарија е единствената непринципиелна држава-членка и дејствува против единството и интересите на ЕУ и НАТО.
По посетата на унгарскиот премиер на Украина, тамошниот претседател Володимир Зеленски изјави дека Унгарија и Орбан не се тие кои можат да решат ваков конфликт и тука треба да се вклучат големите сили. На прашањето дали мировната мисија на Орбан е осудена на пропаст, Стојковски смета дека тоа е негова лична мисија.
-Можеби повеќе станува збор за немање доволно волја да се увиди потребата од поддршка и одбрана на слободата и демократијата во Европа. Тоа беше повеќе обид да се прикаже како „принципиелен“ државник кој ќе искаже загриженост за Украина, ќе го посети Киев и притоа ќе се обиде да се додвори на другите држави-членки и да ги заштити своите интереси во рамките на Унијата, оценува соговорникот.
Европскиот парламент вчера ја осуди неодамнешната посета на Орбан на Владимир Путин во Русија, обвинувајќи го унгарскиот премиер за „прекршување на европските договори“ со ова некоординирано патување.
Орбан предизвика големо незадоволство кај европските лидери кога на 5 јули отиде во Москва за да се сретне со Путин. Обвинет e дека ја злоупотребил позицијата за наводно да разговара со рускиот претседател за прекин на огнот во Украина.
Покрај тоа, стигна и најавата дека највисоките претставници на ЕУ ќе ги бојкотираат неформалните состаноци организирани од Унгарија за време на претседавањето на земјата со ЕУ. Многу невообичаената одлука претседателот на Европската комисија и другите највисоки функционери на тоа тело да ги бојкотираат состаноците е донесена „во светло на неодамнешните настани што го означија почетокот на унгарското претседателство“, објави портпаролот на Европската комисија, Ерик Мамер.
Унгарија го презеде ротирачкото претседателство на 1 јули и оттогаш Орбан ги посети Украина, Русија, Азербејџан, Кина и САД на светска турнеја што тој ја нарече „мировна мисија“ чија цел е да се стави крај на војната во Украина. Тоа налути многу водачи на ЕУ, кои рекоа дека не биле однапред информирани за плановите на Орбан. Неговата влада е пријателска со Русија и отиде против политиката на повеќето земји од ЕУ за поддршка на Украина.
Унгарскиот министер за Европа, Јанош Бока, ја коментираше одлуката на Комисијата, велејќи дека телото „не може да ги избира институциите и земјите-членки со кои сака да соработува“.
Унгарската влада долго време се залагаше за итен прекин на огнот и мировни преговори во војната во Украина, но не истакна што таквите потези би можеле да значат за територијалниот интегритет на земјата и идната безбедност. Покажа непријателски став кон Украина, истовремено додека одржува блиски врски со Москва, дури и по целосната инвазија во февруари 2022 година.
Критичарите на Орбан го обвинуваат дека дејствува против единството и интересите на ЕУ и НАТО, чиј член е Унгарија.
По ненајавеното патување на Орбан во Москва на разговори со Путин на 5 јули, прва ваква посета на шеф на држава или влада на ЕУ по повеќе од две години, Урсула фон дер Лајен го обвини дека се обидува да го смири рускиот лидер.
„Смирувањето нема да го спречи Путин. Само единството и решителноста ќе го отворат патот кон сеопфатен, праведен и траен мир во Украина“, рече таа.
Н.П.