Генералниот секретар на Северноатлантскиот договор, Јенс Столтенберг, на средбата со црногорскиот претседател Јаков Милатовиќ рече дека е убеден дека црногорската влада ќе остане посветена на заедничките вредности и ќе продолжи да гарантира дека Црна Гора е посветен сојузник на НАТО.
Тој на прес-конференцијата рече дека втората посета на Милатовиќ на Брисел ја покажува неговата лична посветеност на трансатлантската заедница, но и посветеноста на Црна Гора на вредностите на НАТО алијансата.
На прашањето за формирањето на Владата и неговите очекувања, Столтенберг рече дека е важно демократски избраните институции во Црна Гора да одлучат каква Влада сакаат.
„Тоа треба да го решат демократски избраните институции, а не НАТО. Убеден сум дека новата влада ќе остане посветена на нашите заеднички вредности и ќе продолжи да гарантира дека Црна Гора е посветен сојузник на НАТО“, рече Столтенберг.
Милатовиќ рече дека очекува новата влада да биде проевропска и да даде уште поголема поддршка за надворешнополитичките цели.
„Тоа е веродостојно членство во НАТО, побрз пристап во ЕУ, како и обезбедување мир на Балканот“, рече Милатовиќ.
Столтенберг рече дека Црна Гора е ценет сојузник кој придонесува за заедничката безбедност со учество во бројни мисии на НАТО.
Тој додаде дека Црна Гора игра клучна улога на Западен Балкан, каде што промовира стабилност и мир.
„Вие учествувате во нашата мировна мисија на Косово и тоа е уште поважно сега во време на зголемени тензии. Посветеноста на НАТО кон КФОР и нашиот мандат е непоколеблива. КФОР ќе продолжи да дејствува непристрасно“, рече Столтенберг.