Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, чиј мандат истекува во 2022 година, е кандидат за гувернер на Централната банка на Норвешка, соопшти денеска Министерството за финансии на таа земја.
Столтенберг, поранешен премиер и министер за финансии, има диплома по економија и е на листата од 22 кандидати за гувернер.
„Министерството за финансии ме контактираше во ноември да ме праша дали би размислувал да се пријавам за таа позиција. Го направив тоа затоа што тоа место многу ме мотивира“, изјави 62-годишниот Столтенберг, чиј мандат како генерален секретар на НАТО истекува на 30 септември 2022 година.
Централната банка на Норвешка одлучува за монетарната политика на земјата и го надгледува огромниот државен фонд на земјата, кој се смета за најголем во светот.
Мандатот на гувернерот е шест години.