Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг изјави дека „не виделе такви размери на бруталност во војна во Европа од Втората светска војна“.
– Ова е крајно сериозно. Последиците се страшни и предизвикуваат страдање на украинскиот народ. Ова е исто така опасно за сите нас. Природата на војната на Путин се манифестира преку недостаток на почитување на владеењето на правото. Тој не го почитува меѓународното право или основните човекови права, рече тој и додаде: „Се плашам дека ќе дознаеме за нови случаи на воени злосторства“.
Посочи дека Москва не се откажува од офанзивата против Украина, но ќе се обиде да се фокусира на окупација на регионот Донбас во наредните недели.
– Забележуваме значително поместување на руските трупи од Киев со цел да се прегрупираат, повторно да се вооружат и снабдуваат и да го префрлат фокусот на истокот на земјата. Очекуваме во следните недели продолжување на руската акција кон истокот и југот на Украина во обид да го окупираат целиот Донбас и да создадат копнен мост до окупираниот Крим, рече тој.
Столтенберг додаде дека НАТО ќе ги поздрави Финска и Шведска доколку двете земји одлучат да се приклучат на воената алијанса, но дека одлуката е на лидерите на двете земји.
– Доколку поднесат барање, очекувам 30 сојузници да поддржат таква одлука, истакна Генералниот секретар на НАТО.