Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, ги повика земјите-членки да обезбедат уште поголема воена помош за Украина. Тој во емисијата „Конфликтна зона“ на ДВ оценува и дека опасноста од употреба на нуклеарно оружје е мала.
Столтенберг зборуваше на Берлинскиот форум за надворешна политика на фондацијата Кербер. Ова се драматични времиња за Европа. За НАТО. За Германија. Војната во Украина ескалира, со руски воздушни напади врз украинските градови и зголемени нуклеарни закани од Москва.
Но, генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг е сигурен: „Путин нема да успее да ја скрши волјата на украинскиот народ за борба“.
Со западна воена помош, вели тој, пресретнати се многу руски ракети и беспилотни летала. Столтенберг особено ги пофалува системите за противвоздушна одбрана што ги испорачува Германија.
„Благодарение на поддршката од странство, рускиот марш кон Киев беше прекинат, Русија не ја постигна очекуваната воздушна надмоќ над Украина, а Украина успеа да ги врати териториите на исток и југ“, оценува шефот на НАТО и во исто време ги предупредува сојузниците дека треба да истраат, односно земјите-членки треба да „дадат поддршка колку што е потребно и онолку долго колку што е потребно“.
Воениот придонес на Германија често беше критикуван како недоволен. Пред се, украинската влада сака германски борбени тенкови Леопард 2, кои германската влада досега одбиваше да ги испорача.
Рускиот претседател Путин постојано се закануваше дека ќе користи нуклеарно оружје. Украинските територии неодамна анектирани по лажниот референдум сега се под руска нуклеарна заштита. Некои набљудувачи веруваат дека Путин, воено заглавен, може да користи тактичко нуклеарно оружје во Украина.
По ова прашање генералниот секретар на НАТО се обидува малку да ги смири страстите.
Тој вели дека алијансата внимателно ги следи сите воени движења и можните подготовки.
„Ризикот од употреба на нуклеарно оружје против Украина е низок. Но, НАТО е подготвен за сите можни ситуации“ истакнува Столтенберг.