Столтенберг: Украина и земјите кои ја поддржуваат ги чека тешка зима

од Nikola Popovski
173 прегледи

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг предупреди дека Украина и земјите кои ја поддржуваат се во тешка зима, за која сите мора да се подготват.

„Мораме да се подготвиме за зимата бидејќи нема индикации дека Русија се откажува од својата цел да ја преземе контролата врз Украина. Војната се приближува до клучен момент во кој гледаме дека руската офанзива во Донбас е запрена и дека Украинците успеале да вратат дел од територијата. И покрај ветувањето за нова опрема и оружје на состанокот на западните сојузници во Рамштајн, потребна е повеќе зимска опрема“, изјави Стојтенберг за АП.

Тој посочи дека зимата ќе биде тешка на бојното поле во Украина и наведе дека украинската армија сега е околу три пати поголема отколку што беше минатата зима, поради што е неопходно да се обезбедат повеќе зимски униформи, агрегати за струја и греење, шатори и се останато што може да им помогне да ја преживеат зимата.

Столтенберг ги повика западните земји кои се соочуваат со високи цени на енергијата и инфлација да ја задржат вербата, истакнувајќи дека цената за прекин на поддршката за Украина сега би била превисока.

„Разбирам дека многу луѓе во земјите на НАТО се фрустрирани и чувствуваат болка поради зголемувањето на цените на енергијата и трошоците за живот, но мораме да запомниме дека цената што ја плаќаме се мери во пари, додека цената што ја плаќаат Украинците се мери со животи, кои се губат секој ден. Ако Путин победи во Украина, светот ќе стане поопасен“, предупреди Столтенберг.

Слични содржини